Помалку од една четвртина од близу 22.000 предмети што се решавале во текот на 2021 година во Основниот суд во Штип, се предмети од кривичната област. Тешки кражби, разбојништва и по некој предмет за злоупотреба на службената положба и овластување и сообраќајќи ги чинат кривичните предмети. Ова стои во годишниот извештај за работењето на Основниот суд од Штип, што денеска пред новинарите и македонската јавност го презентира претседателот на овој суд, Ѓорги Андонов.
Според претседателот, најголем дел од предметите од граѓанската област, 1050, се за работни спорови. Дури 90% тужен орган е Министерството за одбрана, многу помалку Министерството за внатрешни работи, како што беше во изминатите години. Тужат вработените, кои останале без надоместоците, што потоа им се исплаќаат со судска пресуда.
– Карактеристично за нашиот суд е зголемениот број на предмет, коишто ги имаме од областа на работните спорови и тие се движат во бројка од над 1.000 предмети, константно веќе неколку години и тоа претставува дополнителен товар на судот, за којшто засега успешно се справуваме. Меѓутоа во 2022 година се очекува пензионирање на тројца судии, а прием на еден судија. Така да оваа година ќе се соочиме со проблемот на потешко справување на приливот на предмети, изјави претседателот Андонов.
Од штипскиот суд го истакнаа проблемот со вештите лица, кои се во мал број, наспроти големиот број на предмети, за кои се ангажираат. Освен тоа, како што рекоа од судот, недоволна е соработката од институциите, особено од Агенцијата за катастар, кои треба да ги достават документите за судењата.
Што се однесува до работните спорови, кои се однесуваат на приватните компании, вработените покренуваат тужби дури кога ќе си заминат од фирмата.
Над 3.800 предмети се прекршочни и главно за направени дела од сообраќајот, за возачи и други учесници санкционирани од полициските службеници на МВР. Карактеристично е што и покрај заострувањето на казнената политика, предметите за педофилија и натаму ги има, а минимум запретена казна е 12 години. И сега има активни случаи по кои работа штипските основни судии.
И покрај пандемиската година, судот работел со 35% повеќе примени предмети, намален е и бројот на предмети од претходните годни, а според бројот на решени, е во групата на ажурни судови.
Штипскиот Основен суд е еден од петте во државата, кои ќе бидат опремени за судење на далечина. Се подготвува четврта судница, покрај постоечките три. Сепак, покрај просторните услови, во перспектива штипскиот суд може да остане без доволен број на судии. Само оваа година се очекува пензионирање на тројца судии, со што од 14-те кои судат, ќе останат 11, наспроти предвидениот број од 19 судии за оптимална работа.
Во тек е постапка за прием на еден судија. Но и да бидат распишани нови огласи, ќе нема кој да конкурира, бидејќи од Академијата за судии и обвинители дури по година и пол ќе излезе нова генерација, која ќе може да се пријави.
Одговорајќи на новинарско прашање, претседателот Андонов изнесе податок дека во текот на 2020 година имало девет поднесени претставки за судии, додека минатата 2021 година, осум. Ниту еден случај не завршил со разрешување на судија.