Руското Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека сите оние кои испорачале смртоносно оружје во Украина ќе одговараат доколку се употреби за време на руската воена операција во земјата.
Министерството додаде дека чекорите што ги презема Европската унија против Русија нема да останат без одговор.
Речиси сите европски земји најавија помош за Украина во оружје. Последната помош, по неутралната Финска, синоќа ја соопшти Норвешка, која уште од 1950 година се придржува до политиката да не испорачува оружје на земји кои не се членки на НАТО, се наоѓаат во војна или се загрозени од вооружени конфликти.
Норвешка ќе донира до 2.000 фрлачи на противтенковски ракети М72, се наведува во соопштението на владата.
-Норвешка има строга политика во однос на извозот на воена опрема, но Украина сега се соочува со вонредни околности, изјави премиерот Јонас Гар Стоере.
И владата на Република Северна Македонија се придружи на сеопфатната поддршка на сојузниците во НАТО и партнерите во ЕУ и донесе одлука за донација на воени средства и опрема за официјалните вооружени сили на Украина.
Во меѓувреме, унгарскиот претседател Виктор Орбан рече дека оружјето наменето за Украина кое пристигнува од Запад нема да транзитира преку Унгарија.
– Одлучивме дека нема да дозволиме транзит на такви испораки, рече тој во изјава што ја објави унгарската новинска агенција МТИ доцна синоќа.
Унгарија, која е членка на Европската унија и НАТО, има 140 километри долга граница со Украина, која од минатата недела е нападната од руските сили.
Орбан рече дека неговата одлука се заснова на фактот дека повеќе од 100.000 етнички Унгарци живеат во западниот украински регион Закарпатија и оти нивната безбедност ќе биде загрозена ако се дозволи таква испорака.
Орбан кој се смета за близок на рускиот претседател Владимир Путин, не ги блокираше санкциите на ЕУ против Русија по инвазијата, ниту одлуките за испраќање оружје во Украина.
– Во интерес на унгарскиот народ е Унгарија да остане надвор од оваа војна, рече Орбан во повеќе наврати.
фото: МИА