Министерот за надворешни работи, Бујар Османи откри дека наши граѓани со камиони биле заглавени на границата помеѓу Украина и Полска, но поради тоа што носеле руски продукти, украинските власти не ги пуштаат да ја напуштат земјата.
Тие, информира Османи, се на безбедно, сами можат да излезат лично, меѓутоа не можат да излезат со нивните камиони, односно со стоката.
– Комуницираме со нив, се јавуваат и коморите, неколку дена се во нивните камиони. Комунициравме ние и со украинските власти коишто имаат многу други приоритети сега отколку оваа наша ситуација во која што се наоѓаме, нашиот амбасадор од Варшава замина на самиот граничен премин, се виде со овие транспортери да се обиде да помогне, меѓутоа тоа тешко оди – украинските власти не пуштаат продукти коишто се дојдени од Русија. Продолжуваме со активности и за овие луѓе коишто не се во безбеден ризик, меѓутоа тука се работи повеќе за економски последици што би ги претрпеле они заради тоа што камионите не ги пуштаат, рече Османи.
Одговарајќи на новинарско прашање, министерот информира дека за евакуација на нашите граѓани досега имаме договор со Бугарија, со Полска, Романија, Молдавија, со балтичките држави со кои имаме комуникација. Меѓутоа, како што рече, земјите кои се околу Украина ни беа најважни за да имаме договор. Вчера комуницирале и со Турција. Турција испратила воз до тие региони и ќе се обидат денеска да ја продолжат таа комуникација за да може и преку турскиот коридор да ги извлечеме нашите граѓани.
Денеска на Влада, како што посочи Османи, ќе разговараат за координирање на активностите во врска со евентуален бран бегалци.
– Украинската амбасада ни прати нота со која бара доколку се појават украински граѓани на нашата граница да бидат ослободени од имањето на тестови, вакцинален статус итн. за да можеме ние тоа да го направиме доколку се со статус на бегалци. Меѓутоа МНР во оваа првична подготвителна фаза ги координира тие активности за да се утврдат капацитети колку имаме доколку има евентуален бран на бегалци и кои би биле мерките што требаат различните институции вклучувајќи ги МВР, МТСП и така натаму за да ги преземат за да целиот тој процес промине без поголеми пречки и опструкции, информира Османи.
Овој петок, додаде, ќе патува во Брисел бидејќи НАТО свика министерски состанок на министрите за надворешни работи на членките на Алијансата.
МИА