Покрај граѓаните и компаниите, галопирачкиот раст на цената на електричната енргија ќе ги „изгори“ и државните институции.
Набавките за струја од слободниот пазар на Општините, државните претпријатија и институции за годинава тежат стотици илјади дури и милиони евра.
Така „Македонски Пошти“ ќе платат над 1,3 милиони евра за набавка за струја за една година. Набавуваат од компанијата „Мист енерџи Еко“. Истата фирма, но без „ЕКО“во 2019 година им набавила струја за 940.000 евра, ама за две години. И за разлика од „Пошти“ останатите државни институции барем според договорите во последниов месец поголемите набавки се од компанијата „Енерџи деливери солушнс“ . Така МТВ склучила договор за 1,2 милиони евра, општина Струмица има договор со неа вреден 370.000 евра, а тој на УЈП е на 325.000 евра.
Зелс веќе реагираше и побара помош од владата поради високите сметки за струја на општините кои кажаа дека јануарските сметки на најголем дел од општините им се повисоки за пет пати од ланскиот јануари, и дека немаат пари да ги плаќаат.
Но, проблематично ќе биде и за институциите, доколку не се пренаменат средства, бидејќи договорите за набавка на струја им се два до три пати повисоки од ланските, а буџетот кој им е доделен за режиски трошоци е на речиси исти суми како ланскиот.
(А.С.)