Ново судење меѓу „Бетон – Штип“ и грчки „Интракат“ додека работите на штипската болница се на минимум – ММС
ММС

Објавено на: 02/28/22 3:48 PM

Ново судење меѓу „Бетон – Штип“ и грчки „Интракат“ додека работите на штипската болница се на минимум

Со сослушување на вештак  – графолог и завршните зборови, денеска во штипскиот Основен суд заврши повтореното судење меѓу грчката компанија „Интракат“, која го доби тендерот за изградба на Клиничката болница во Штип и незиниот подизведувач, „Бетон – Штип“. Судењето беше вратено на повторно разгледување, откако Врховниот суд ја укина пресудата, по жалбата на правните застапници на грчката компанија, која тврди дека не можеле да се жалат на платениот налог со кој им се блокира сметката. Нивните аргументи се дека доставата на документот била неуредна, што се обидоа да го докажат и денеска на судењето. Одбраната на „Бетон – Штип“, која бара да наплати од „Интракат“ близу два милиони евра за завршена работа, го тврди спротивното, цитирајќи закон, според кој, секој вработен, кој ќе се затекне во службените простории на правното друштво или институцијата.

Правните застапници на „Интракат“, пак, се обидоа да докажат дека вештакот – графолог не успеал до крај да ја утврди автентичноста на еден од петте потписи од поштенската доставница за примен документ, што пак ќе значи дека платниот налог е ништовен.

За овие правни работи уреден или неуреден бил платниот налог, се потроши повеќе од една година. Клиничката болница во Штип се’ уште е во изградба близу пет години по удирањето на темелите. Од пред некој месец банката на Советот на Европа поради прекинот на работите, го повлече финансирањето и последната транша од близу 14 милиони евра.

Сметката на грчката компанија „Интракат“ беше блокирана со месеци, меѓутоа, пресудата на Врховен суд и враќањето на процесот со оспорениот платен налог од почеток, ја одблокира.

Овој период, според партијата ВМРО ДПМНЕ, бил искористен од Министерството за здравство, кое и’ префрлило на грчката компанија над 100 милиони денари или 2,5 милиони евра, а тие пари завршиле надвор од државата.

Во меѓувреме, Министерството даде нов рок на „Интракат“, првата фаза од новата штипска болница да ја заврши до крајот на годината. Ново финансирање нема, а како што повеќе пати беше повторено од страна на властите, Министерството за финансии ќе бара нов кредитор.

Веќе три години одвај и да се работи нешто на болницата, откако грчката компанија го раскина договорот со подизведувачот „Бетон – Штип“, кој потоа отиде во стечај.

Клиничката болница од Штип почна да се гради со кредит од 30 милиони евра. До сега беа искористени околу половина од парите.