Пресуди за „Титаник“: Затворски казни за Јанкуловска и Јанакиевски, условни за Протугер и Бришковска-Бошковски – ММС
ММС

Објавено на: 02/28/22 1:43 PM

Пресуди за „Титаник“: Затворски казни за Јанкуловска и Јанакиевски, условни за Протугер и Бришковска-Бошковски

Поранешните министри за внатрешни работи и транспорти и врски, Гордана Јанкуловска и Миле Јанакиевски, обвинети во случајот „Титаник”, по изјаснувањето за виновни за обвинението, денеска од Кривичниот суд Скопје, беа осудени на вкупно седум години казна затвор. Претседателот на судечкиот совет Осман Шабани информира дека Јанакиевски е осуден на вкупно четири години и шест месеци затвор, додека Јанкуловска, на две години и шест месеци затвор.

Воедно, денеска пресуда беше соопштена и за останатите обвинети кои признаа вина во случајот „Титаник”. Обвинетиот Мартин Протугер беше осуден на условна казна од две години затвор, која нема да се реализира ако во следните пет години не стори ново кривично дело. Исто така на иста условна осудени беа осудени и поранешната заменичка – министерка за правда Билјана Бришковска-Бошковски и обвинетите Кирил Тодоровски и Катерина Веловска.

Обвинетиот Мунир Пепиќ беше осуден на казна затвор од една година, додека Коста Митровски беше осуден на три години казна затвор.

Инаку  „Титаник“ се однесува на кривични дела против изборите и гласањето за парламентарните избори во 2011 и локалните избори 2013 година. Лицата од обвинителната клупа се гонеа за повеќе дела, како злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање и уништување изборен материјал.