Откако Европската Унија вчера најави дека на руските медиуми поддржани од власта ќе им биде забрането да емитуваат на европско тло, Европската федерација на новинари (ЕФН) предупредува дека ова може да биде контрапродуктивно, јави дописничката на МИА од Брисел.
Војната во Украина е и информациска војна, посочи шефот на ЕУ дипломатијата, Жозеп Борел. За Европската Унија е неприфатливо да се шири пропагандата на рускиот претседател на нејзината територија, и од денеска ЕУ работи на техничките детали да им се забрани емитување во Европа на РТ и Спутник.
Ваква мерка беше преземена веќе во Германија пред неколку недели, по што Русија одговори со забрана за Дојче Веле.
– Ризикот од политиката на цензура се исто така последиците што може да се очекуваат во Русија, како што видовме со затворањето на Дојче Веле како одговор на затворањето на РТ во Германија. Резултатот на овој чин беше осиромашување на медиумскиот плурализам во Русија. Руските граѓани таму го изгубија правото на пристап до информации емитувани од Дојче Веле. Тоа е жално, вели Рикардо Гутиерез, генерален секретар на Европската федерација на новинари за МИА.
Федерацијата вели дека е свесна оти информациите кои произлегуваат од медиуми финансирани од Кремљ се во служба на таа власт, но за бранителите на слободата на говор во Европа, затворања и забрани не се соодветен одговор за борба против дезинформации и пропаганда.
– Затворањето на еден медиум не ни се чини како најдобар начин за борба против дезинформации и пропаганда. Овој чин на цензура може да има целосно контрапродуктивен ефект кај оние кои ги следат овие медиуми. Подобро е според нас да се спречи дезинформацијата на пропагандистичките медиуми преку изложување на нивните погрешни факти или лошиот квалитет на нивното новинарство, преку докажување на отсуството на нивната финансиска и оперативна независност, преку укажување дека се во служба на владините интереси и дека го презираат јавниот интерес, додава Европската федерација на новинари.
Понатаму оттаму додаваат дека самиот чин на затворање на медиуми е “сериозен”.
– Да се затвори медиум е сериозен чин, кој мора да се темели на солидна законска база, избегнувајќи секаква арбитрарност. Предизвикот на демократиите е борбата против дезинформациите истовремено зачувувајќи ја слободата на изразување. За ЕФН, други стратегии треба да се поддржат: зголемена поддршка за независното новинарство, промоција на медиумскиот плурализам, промоција на медиумското образование за сите, зголемена транспарентност на оние кои ја имаат моќта, додава генералниот секретар на организацијата за МИА.
Во текот на денот се очекуваат детали за оваа одлука на Европската Унија, но и можен одговор од Русија наскоро.