Протестен собир против и за поништување на Договорот од Преспа денеска е најавен за во 10 часот пред Македонската академија на науките и уметностите, кога во исто време ќе се одржи и Научната расправа во организација на МАНУ.
Темата на оваа научна расправа гласи „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликации врз евро атлантските интеграции на Република Македонија“.
Организатори на најавениот протест пред МАНУ, е Здружението на граѓани Граѓанска иницијатива за здраво, достоинствени и возвишено живеење „Преродба“ , Движење Македонска преродба (на носителите и бранителите на државниот суверенитет), Движење за цивилизациски вредности, заедно со македонскиот народ, граѓаните и творците и сите родољуби и родољубни здруженија.
,,Бараме мораториум на едностраното политикантско решавање на македонските прашања. Наместо да ја бранат Спогодбата, МАНУ и академиците да ја заштитуваат и да ја афирмираат автентичната македонска наука, уметност, творештво, вредности и придобивки, кои се поништуваат со срамната спогодба од Преспа и да ги заштитат името на Република Македонија, македонскиот идентитет, јазик, историја и култура. Затоа, на МАНУ и на другите институции ќе им биде доставена декларацијата на македонскиот народ за неговите црвени линии и стратегија за зачувување на името на Република Македонија и на македонскиот идентитет, јазик, историја и култура”, се вели во најавата на протестот.
Тие порачуваат, бидејќи станува збор за мирољубив, достоинствен, народен цивилизиран собир, граѓаните своето народно, граѓанско и цивилизациско право на овој собир да го изразат достоинствено, кој од негово и во негово име, да биде свесен, одговорен за себе и за другите.