Старата снимка не го ослободува Стојановски од одговорност – опозицијата бара да си поднесе оставка – ММС
ММС

Објавено на: 09/10/18 2:11 PM

Старата снимка не го ослободува Стојановски од одговорност – опозицијата бара да си поднесе оставка

Снимката која беше објавена на социјалните мрежи, а на која се гледа како градоначалникот на Демир Хисар, Марјанче Стојановски им се заканува на вработени во Училиштето „Гоце Делчев“ дека им ги прислушува телефонските разговори е од јануари годинава. Иако овој настан, кој  се случил по протест одржан поради промена на две учителки во други подрачни училишта, е од јануари годинава, полицијата вчера го повика Стојановски на информативен разговор.

Снимката  стара девет месеци, не го ослободува градоначалникот  од одговорност, бидејќи како што соопшти МВР, во врска со овој случај ќе се повикуваат повеќе лица на службен разговор со цел негово целосно расчистување.

Целиот настан денеска наиде на реакција кај опозицијата.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски на прес конференција праша дали за овие материјали за кои градоначалникот на Демир Хисар зборува знаaт органите на прогонот?

„Ова е клучното прашање – како стасале материјалите од нелегалното прислушкување до лик како што е Марјанче Стојановски од Демир Хисар? На крајот на краиштата дали некојси Марјанче Стојановски е дел од една партиска структура на СДСМ која вршела прислушкување на граѓаните и истите материјали ги злоупотребувала во изборни цели, уцени на граѓаните и притисоци на администрацијата во пресрет на политичките случувања како што е претстојниот референдум, а можеби тоа било дел од стратегијата да стане градоначалник? Очекуваме дека овој скандал ќе биде разјаснет во целост, а не да заврши со информативен разговор во полиција, онаму каде што работел Стојановски и од каде имал пристап да ги прислушкува сите граѓани, а сега веќе и да им се заканува“, изјави Арсовски кој побара Стојановски да си поднесе оставка, а Обвинителството да излезе со сериозно кривично дело.