„Русија подготви цел пакет санкции против земјите кои воведоа санкции кон Москва, кои Западот ќе ги почувствува“, изјави денеска претседателката на Горниот дом на рускиот парламент, Советот на федерацијата, Валентина Матвиенко.
„Одмаздничките санкции нема да бидат идентични со санкциите против Русија, но ние сме целосно свесни за слабостите на Западот. Подготвивме цел пакет санкции што ќе ги примениме против оние земји кои воведоа санкции кон Русија“, изјави Матвиенко за новинарите.
Таа посочи дека Европа се казни самата себе си со санкциите против гасоводот Северен тек 2, бидејќи тоа ќе доведе до скок на цената на гасот и изрази уверување дека одложувањето на договорот за тој гасовод е привремено решение.
Руското Министерство за економија денеска соопшти дека работи на мерки за минимизирање на ефектите од западните санкции воведени поради руската воена операција во Украина и дека ќе ги зајакне трговските и економските врски со азиските земји.
„Свесни сме дека притисокот на санкциите со кои се соочуваме од 2014 година, сега ќе се засили“, соопшти Министерството од каде додаваат дека, реториката на некои странски партнери беше таква што веќе долго време Русија е подготвена за потенцијални нови санкции.
„Русија ќе воведе санкции кон западните земји врз основа на реципроцитет“, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој додаде дека Кремљ бил запознат со изјавите дека украинскиот претседател Володимир Зеленски е подготвен да разговара за можната неутралност на Украина, но изјави дека не може да каже ништо за можните разговори меѓу Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин.
Песков рече дека Москва ќе ја анализира понудата на Зеленски, но дека очекувањата на Москва од Киев остануваат непроменети.
Москва побара гаранции од Украина дека никогаш нема да влезе во НАТО или да и дозволи на Алијансата да распореди војници и оружје на нејзина територија.
извор и фото: rtv.rs