Основното јавно обвинителство Битола донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица осомничени дека сториле кривично дело „тешка кражба” од член 236 став 2 во врста со став 1 точка 1 и во врска со член 22 (соизвршителство) од Кривичниот законик.
Како што соопштија денеска од Jавно обвинителство на точно неутврден датум во периодот меѓу 23.02.2020 година и 12.07.2021 година, двајцата осомничени соизвршители провалиле во заклучен стан чиј сопственик подолго време не можел да се врати во државата од САД поради пандемијата на КОВИД 19.
– Во претсобјето на станот на улицата „Борис Бастеро” во Битола ги пронашле клучевите од станот и од гаражите, па во повеќе наврати се враќале и одземале предмети, меѓу кои шест бас гитари, автомобил „Порше Кајман С” и автомобил „Бе-Ем-Ве Х3″, спортски седишта „Порше” и други предмети, со што се стекнале со вкупна противправна имотна корист во вредност од 4.522.457 денари, се појаснува во соопштението.
При претрес, шесте одземени гитари биле пронајдени и вратени на сопственикот, додека се преземаат дејствија за пронаоѓање и на останатите предмети. Притоа едниот осомничен е лишен од слобода, додека другиот е во бегство.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени. Судијата го прифатил предлогот и определи притвор во траење од 30 дена, а за осомничениот кој е во бегство мерката ќе започне да се спроведува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода.
извор: ОЈО