До кога реката Брегалница ќе биде канализација на истокот-Јавна дискусија за можни решенија – ММС
ММС

Објавено на: 02/24/22 7:39 PM

До кога реката Брегалница ќе биде канализација на истокот-Јавна дискусија за можни решенија

Брегалница е канализација на истокот од земјата, е една од квалификациите што и се даваат на  оваа река. Тоа се потврдува и со фактот дека се прочистува само 4% од отпадните води коишто се испуштаат тука и во услови кога по целиот тек на реката работат две пречистителни станици и тоа во Берово и Кочани. Сепак, отпадните води не се само тие што ја загадуваат реката, тука е индустријата, земјоделството, сточарството.

„Во потрага на загадувачите на реката Брегалница“ беше темата на јавниот настан за застапување и лобирање, што во организација на ЗГ „Медиа Плус“, се одржа денес во Штип. На настанот беше презентиран Извештајот од мерењето на квалитетот на водата и составот на седиментот во реката Брегалница, како и резултатите од активностите од проектот.

Целта на оваа дискусија беше поттикнување на соработка на надлежни институции со граѓанското општество во интерес на намалувањето на загадувањето и детектирање на причинителите.

-Независните мерењата се нарачани и направени за потребите на проектот, а ги спроведе професорот Ѓорѓи Димов и Универзитетот „Гоце Делчев” од Штип, преку овластената лабораторија АМБИКОН -УГД, во периодот од мај до ноември 2021 година. Примероците за анализите се земени од едно мерно место во три периоди од годината на пролет, лето и на есен. Пролетниот мониторинг е извршен во време на поголем водостој, а летниот и есенскиот во време на ниска кота на нивото на реката. Теренските примероци во сите три мерења се земени во близина на населбата Балканска, на почетокот на терасните седименти во кои се изведени бунарите за водоснабдување на градот Штип, беше кажано на јавната дебата.

„Загадувањето на реката е поголемо во услови на пониско ниво на реката. Ефектот на сезонската промена на квалитетот на водата е најалармантен кај микробиолошкото загадување, многу повеќе од присуство на пример на тешки метали, кои што се под пропишаните максимално дозволени вредности. Микробиолошките анализи покажаа присуство на фекални бактерии и Ешерихија коли, што во периоди од годината ја прави водата од класа 4. Исто така зголемено е присуството на фосфати, што ги има во детергентите и препаратите што се употребуваат во земјоделството“ изјави во своето излагање професорот  Ѓорѓи Димов.

Д-р Петра Поп Ристова го презентираше Планот за управување на реката Брегалница, донесен во 2016 година, кој не само што не се имплементира, туку воопшто и не е усвоен од државата.

„За период од 10 години, требаше да се изградат повеќе пречистителни станици, но и денес освен тие во Кочани и Берово, нема други“, изјави Поп Ристова

Решението освен во пречистителните станици треба да се бара и во други алтернативни решенија, посочувајќи го примерот којшто се’ повеќе се прифаќа и применува во светот, решенијата засновани на природата.

„Станува збор за природни мочуришта создадени со помош на човекот, покрај речните корита коишто овозможуваат природно прочистување на комуналните, индустриските води, загадување од земјоделството, штитат од ерозија. Тука се и пловечките острови, со иста функција“, рече Поп Ристова

Таа посочи дека позитивни примери со користење на овие решенија засновани на природата се применуваат и се вградени во Кина, каде води од 5-та категорија се прочистуваат до 2-3 категорија.

Изградбата на пречистителна станица за отпадните води во Штип, засега е инвестиција којашто бара огромна сума на пари. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, вели дека проектната документација е направена и во моментов се прави анализа на оваа документација во Министерството за животна средина, по што ќе се аплицира во европските фондови. Целиот овој проект чини околу 25 милиони евра.

Од страна на присутните, меѓу кои имаше и претставници на индустриските објекти, беше покренато прашањето каде одат парите што се собираат од загадувачите, кои секоја година го плаќаат задолжениот износ со добиената еколошка дозвола. Беше изнесен податок дека од 4,2 милиони евра што годишно се собираат од еколошки такси, само 1,2 милиони евра одат за прашања од животната средина. Друг проблем е начинот на документирање на еколошките инциденти, кои ретко можат да стигнат до суд поради законските процедури дека примероци од загадените води може да земат само сертифицирани лаборатории во присуство на државен еколошки инспектор. Поради тоа, од бројните еколошки инциденти во Брегалница последните години е документиран и стигнат до суд само еден случај, кој веќе три пати се одлага  и се’ уште не може да почне.

Јавната дебата, која што се одржа во Мултумедијалниот центар-Канал77, се реализираше во рамки на проектот „Утопија? Бистри води, зелен Исток”, кој се спроведуваше во периодот од мај 2021 до февруари 2022 година, од страна на ЗГ „Медиа Плус“, a е  финансиран од Фондацијата Отворено Општество-Македонија.