Само двајца лекари дежураат во итната помош во Гостивар, кои во вечерните часови опслужуваат над стотина пациенти. Поради недостигот на медицински персонал, гостиварци едвај добиваат лекарска помош.
Од гостиварската служба за итна помош, велат дека состојбата е алармантна, поради недостигот на лекари, кои не можат навреме да ги опслужат сите пациенти кои бараат лекарска помош, а дел од нив кои се со поголеми здравствени проблеми, бараат медицинскиот персонал да интервенира и во нивните домови. Лекарите велат дека не можат да си земат ни годишен одмор поради кубурањето со кадар.
Оваа установа има потреба и од медицински сестри и технички персонал. Недостиг на кадар има и во другите оддели на гостиварската болница.
Министерот за здравство Венко Филипче, во неколку наврати најави вработување на медицински персонал кој недостасува во повеќе здравствени установи во државата, а како мотивација во етапни фази како што рече ќе расте платата на вработените во јавните здравствени установи. За гостиварската болница, засега нема конкретни информации дали и кога се планира да се вработи дополнителен кадар.