Општина Штип се откажува од средствата што оваа година Министерството за култура ќе ги одвои за организирање на „Макфест“.
Причината, како што кажа на прес-конференција градоначалникот Иван Јорданов, е понижувачката сума што Министерството ги издвои за финансирање на фестивалот.
„За организирање на реномираниот фестивал „Макфест“ оваа година општината ќе добие срамни 399.000 денари. Фестивалот кој има традиција од 1986 година, државата оценила дека заслужува нецели 400.000 денари, “ потенцира Јорданов.
„За споредба , во 2014 година за организирање на „Макфест“, државата издвоила седум милиони денари, во 2015 по 4,5 милиони денари, додека од 2016 до минатата година, по 2,5 милиони денари. Очигледна е дека од политички побуди на централната власт се понижуваат и деградираат Штипјани, националната култура и музичката фела на државата, “ рече Јорданов.
Тој ја информира јавноста и Министерството за култура дека нема да го прифати оваа понижувачко решение и дека ќе ги врати назад минималните средства предвидени со него, а „Макфест“ ќе биде целосно финансиран од буџетот на Општина Штип.
„Ветуваме дека „Макфест“ ќе го добие посакуваниот сјај и ќе биде во тек со современите технички достигнувања и дека во деновите кога ќе се одржува ќе пулсира целиот град во духот на нематеријално културно наследство, “изјави градоначалник на Штип, Иван Јорданов.
Весна Крстева
Фото: Вангел Тануровски