Владата го задолжи МНР, преку Постојаната мисија при ЕУ во Брисел, да извести дека Северна Македонија се придружува кон новиот пакет на рестриктивни мерки на Советот на ЕУ, заедно со сите претходни одлуки за рестриктивни мерки од 2014 година до сега, во поглед на ситуацијата во Украина, и да ја започне постапката за нивно спроведување.
Ова го одлучи Владата на денешната 17-та седница на која ја разгледа и усвои Информацијата за новиот пакет на рестриктивни мерки на ЕУ во поглед на ситуацијата во Украина, со препорака за придружување кон сите одлуки на ЕУ за овој вид мерки.
„Таргетираните рестриктивни мерки на ЕУ, кон кои се придружува и нашата земја, опфаќаат мерки за утврден број лица од политиката и бизнисот кои одиграле улога за настанатата ситуација во Украина и за кои се воведува забрана за патување низ земјите на ЕУ, како и забрана за пристап до финансиските фондови на Унијата. Таргетираните мерки се однесуваат и на рестрикциите на работењето на одредени банки на Руската Федерација со финансиските институции на ЕУ и на нејзините земји членки“, се вели во владиното соопштение.
Владата ја разгледа и Информацијата за потребата од обезбедување сместување на државјани на Северна Македонија и членови на нивни семејства, по нивна евакуација од Украина. За таа цел, МНР треба да ги собере барањата на сите државјани на РСМ и членови на нивни семејства кои се во кризните региони во Украина и кои ќе побараат привремена заштита и сместување, а немаат свое сместување во земјава. Воо координација со МТСП, ним треба да им се овозможи сместување на соодветни локации во земјава.