Дали Универзална е безбеден проект или не, не е работа на политичари и градоначалници, туку на стручњаци, велат од Асоцијацијата на архитекти – ММС
ММС

Објавено на: 02/24/22 12:11 PM

Дали Универзална е безбеден проект или не, не е работа на политичари и градоначалници, туку на стручњаци, велат од Асоцијацијата на архитекти

„Деновиве сме сведоци на невиден и опасен преседан за нашата струка- архитектурата и за струката на нашите колеги проектанти, учесници во градбениот процес, да се зборува од позиција на аматеризам, со вметнување на опасни тези дека наводно јавниот објект Универзална сала се гради според небезбеден проект. Ние како Асоцијација сметаме дека е крајно време да се престане со омаловажување на струката по многу основи и нејзино користење во дневно-политички пресметки помеѓу политичките опоненти“, регираа од Асоцијацијата на архитекти.
Додаваат дека, за квалитетите на проектните решенија стандардизирани со закон, можат да се произнесат самите учесници: проектант, одговорен проектант, ревидент, супер-ревидент. Секој градбен процес е резултат на точно законски одредена процедура со што се гарантира физичката, економско-правната, социо-културната и секоја друга безбедност на проектантот, изведувачот, корисникот, инвеститорот и на крај општеството.

„Доколку стручно и овластено лице и само такво лице, увиди неточности во проектот од својата област, должен е да побара супер ревизија како не би дошло до било какво загрозување на безбедност на граѓаните. Ниту градоначалниците ниту министрите не се тие кои треба да гарантираат материја вон нивните овластувања и експертност. Извинете, но плукајќи се меѓусебе цело време ги опоганувате оние кои вистински работат“, велат од Асоцијацијата.
Проектот Универзална сала е уникатен, зашто се реконструира без да се сруши претходно постоечкиот објект. Кога се гради објект од почеток, проектите не се 100 отсто прецизни и секогаш при градба доаѓа до одредени ускладувања на состојби, фази и решенија, објаснуваат од таму. „Објект стар над 50 години доживува голем број на деформации за време на својата експлоатација кои се видливи само со инструмент, при што треба да се додаде дека постојниот објект е од полумонтажен тип. Замена на одредени рашенија во текот на градба е сосема нормално, се додека таа не ги надмине во голема мера проектираните решенија. Но, таквата состојба треба стручно да се утврди по законски пат, а не преку медиуми“, изјавија од Асоцијацијата, од каде потсетуваат дека, во целиот процес на проектирање и контрола се вмешани и Градежниот факултет и Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.