Сите што можат да држат оружје да си ја бранат земјата, Зеленски наредил да се нанесат максимални загуби на Русија – ММС
ММС

Објавено на: 02/24/22 10:20 AM

Сите што можат да држат оружје да си ја бранат земјата, Зеленски наредил да се нанесат максимални загуби на Русија

Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников изјави дека секој кој е подготвен и способен да држи оружје може да се приклучи на редовите на Територијалните одбранбени сили.

Украинските гранични сили претходно соопштија дека руски копнени сили утринава од повеќе правци навлегле на украинска територија.

– Руски воени возила, вклучително и оклопни возила, навлегоа во регионите на Чернихив (северна, белоруска граница), Суми (североисточна, руска граница), Луганск и Харков (источна, руска граница) и преку преминот меѓу полуостровот Крим и континентална Украина, се наведува во соопштението.

Се додава дека Русија отворила артилериски оган пред да испрати воени возила.

Украинските сили објавија и видео на кое се гледаат возила означени со буквата „З”.

Командантот на украинската армија денеска изјави дека добил наредба од претседателот Володимир Зеленски да возврати на руската инвазија на неговата земја.

– Врховниот командант на вооружените сили на Украина даде наредба да се нанесат максимални загуби против агресорот, рече главниот командант на вооружените сили на Украина, генерал-мајор Валериј Залужни.

Бројот на загинати во украинската војска од руската инвазија денеска се искачи на три, соопшти граничната служба за потврдени загуби претрпени долж јужната граница со анектираниот Крим од Кремљ.

А, станици на метрото станаа импровизирани засолништа во главниот град на Украина, Киев. Очевидци за Си-Ен-Ен тврдат дека станиците се полни со луѓе, организирани во групи, кои носат со себе залихи.

– Додека ги слушаме звуците од воздушниот напад, можете да замислите колку испаничени се луѓето во градот, станувајќи од своите кревети потресени од експлозиите, што ги има насекаде околу нас, изјави за Си-Ен-Ен, Метју Ченс во Киев.

Се додава дека „целиот сообраќај се движи во една насока… луѓето возат најбрзо што можат, со цел да стигнат на запад кон побезбедните подрачја”, можеби „кон Полска, оддалечена оттаму околу три до пет часа со автомобил”.

МИА

фото: МИА