(Видео) „Не се обидувајте да се мешате“, сериозно предупреди Путин – Почна војната во Украина, експлозии и во Киев – ММС
ММС

Објавено на: 02/24/22 7:59 AM

(Видео) „Не се обидувајте да се мешате“, сериозно предупреди Путин – Почна војната во Украина, експлозии и во Киев

Рускиот претседател Владимир Путин утринава во специјално обраќање ги предупреди сите оние кои евентуално би можеле да се мешаат во ситуацијата во Украина.

– Неколку многу важни зборови за оние кои би можеле да бидат во искушение да се мешаат во настаните што се случуваат. Кој ќе се обиде да не попречи,  да се обиде да се закани за нашата земја и народ, треба да знае дека одговорот на Русија ќе биде моментален и дека ќе ги доведе до такви последици со кои никогаш не се соочиле во историја, предупреди тој.

Путин рече дека се донесени сите неопходни одлуки и дека се надева дека ќе има кој да ја слушне неговата порака.

Путин ноќеска донесе одлука за специјална воена операција во Донбас и посочи дека руските планови не вклучуваат окупација на Украина.

Тој го најави почетокот на нападот врз Украина, почеток на „специјална воена операција“ чија цел е „демилитаризација и денацификација, а не окупација на државата“.

Доаѓаат првите извештаи за експлозии низ Украина, вклучително и Киев.


Украинскиот претседател Володомир Зеленски во вонредно обраќање рече дека во цела Украина е воведена вонредна состојба и ги повика граѓаните да останат смирени.


Зеленски рече дека Русија извршила ракетни напади врз украинската инфраструктура и украинските граничари, при што се слушнале експлозии во многу градови низ земјата.

Тој додаде дека разговарал со американскиот претседател Џо Бајден, а на Украинците им порача да останат во своите домови и да бидат смирени.

– Војската функционира. Јас ќе бидам со вас цело време. Останете силни. Ќе победиме затоа што сме Украина. Слава на Украина, рече Зеленски.

 

 

Фото: Твитер