Скопјани утрово останаа да висат на автобуските постојки. Голем дел од автобусите не пристигнаа по планскиот возен ред, па граѓаните чекаа и по скоро еден час, за разлика од приградските населби, каде автобус немаше и по неколку часа.
-Утрово од Аеродром тргнав накај Центар и се изначекав. Според планскиот возен ред требаше да ми дојдат 5ка, 15ка и 27ца, но ни еден од нив не дојде. По околу 30 минути се појави 5ка па се превезов, вели скопјанка.
Друг се жалеше за линијата со број 67, а имаше и од други делови на Скопје.
На Социјалните мрежи се прошири вест дека полицијата направила контрола на автобусите на ЈСП и дури 40 испратила на вонреден технички преглед, па поради тоа се создал неред во градскиот превоз.
Прашавме во ЈСП колку од нивните возила се испратени на технички преглед, од каде ни рекоа:
-Од утринава, па досега, седум возила на ЈСП Скопје се испратени на вонреден технички преглед, од нив седум возила „јутонг“ (пет двокатни автобуси и еден минибус/комбе) и едно комбе „Ивеко“. Во меѓувреме, две возила од посочените веќе се вратени на линија, велат од ЈСП и додаваат:
– ЈСП Скопје ја следи состојбата на терен и по потреба, по исклучување на некое возило заради технички преглед, реагира навремено со испраќање т.н. заменско возило како би се избегнале поголеми отстапувања во возниот ред на линиите кои ги опслужуваат возила на ЈСП, велат од ова јавно претпријатие.
ММС побара информација од МВР од каде ни беше речено дека министерството континуирано презема мерки и активности за обезбедувањ ена поголема безбедност во сообраќајот.
– Меѓу мерките се и контроли на техничката исправност на возилата што вршат јавен превоз, а во насока на превенција од последици кои можат да настанат од учество во сообраќај на неисправни возила за јавен превоз. Согласно предвидениот план-распоред, денес во периодот од 08-12 часот предвидена и спроведена е акциска контрола на подрачје на град Скопје, над возила кои вршат јавен превоз на патници (линиски, градски и меѓуградски превоз), при што се контролирани 11 автобуси од кои кај пет автобуси се констатирани неправилности предвидени согласно одредбите на ЗБСП и ЗВ.
(В.М.)
Фото: Вангел Тануровски