Човекот во Словенија кој се вакцинираше во името на други луѓе за да добијат ковид пропусници е осуден на 10 месеци затвор поради измама. Парична казна е изречена за четворица мажи кои му платиле за оваа „услуга“.
Мажот кој наместо други лица, бил седум пати вакциниран за време од два месеца, беше фатен кога сакал да ја прими осмата вакцина. Тој беше откриен на крајот на декември додека се обидувал да ја прими осмата доза, по што тогаш му се одреди мерка притвор.
Нарачателите на услугата, исто така се осудени за измама, но тие поминаа без затворска казна, при што двајца се казнети со по 2.550 евра, а двајца по 1.360 евра.
Според полицијата, четворицата мажи кои не сакале да се вакцинираат, за пари ангажирале лице со социјални проблеми, кое се вакцинирало во различни центри за вакцинација користејќи го нивниот здравствен документ.
Првите случаи на слично фалсификување на ковид статус во Словенија се забележани лани во септември, кога во Љубљана беа пријавени повеќе случаи на лица, на кои им била потребна ковид-пропусница, а не сакале да се вакцинираат. Тие за тоа ангажирале други лица и им плаќале, а најчесто тоа биле бездомници или зависници од дроги кои добивале по околу 150 евра за една примена доза.