На 13 милиони жители на Африка им се заканува глад, ООН бара 1,23 милијарди евра помош, обезбедени се 2,3 отсто – ММС
ММС

Објавено на: 02/23/22 1:18 PM

На 13 милиони жители на Африка им се заканува глад, ООН бара 1,23 милијарди евра помош, обезбедени се 2,3 отсто

Поради сушата на Африканскиот рог, од југот на Етиопија до северот на Кенија и Сомалија, глад им се заканува на речиси 13 милиони жители, предупредуваат хуманитарни организации.
На повикот на ООН да се соберат 1,23 милијарди евра за помош на населението на Сомалија во 2022 година, досега се обезбедени само 2,3 отсто.
Во регионите со претежно сточарско и земјоделско население, во последните три сезони од крајот на 2020 година имаше мали количества на врнежи, а поради скакулци опустошени се посевите од 2019 до 2021 година.
„Рогот на Африка сочинува само 4 отсто од светското население, но дури 20 отсто е изложено на несигурност во однос на храната“, предупреди Мајкл Данфорд, директор на Светската програма за храна (WFP) за Источна Африка.
Според ОН, 5,7 милиони луѓе имаат потреба од помош во храна во јужна и југоисточна Етиопија, од кои половина милион се деца и мајки и се неухранети.
Во источна и северна Кенија претседателот на земјата прогласи национална катастрофа во септември, а на 2,8 милиони луѓе им е потребна помош во храна.
Во Сомалија, бројот на гладни може да се зголеми од 4,3 милиони на 4,6 милиони до мај, доколку не добие итна помош. Властите прогласија вонредна состојба во ноември.
Во таа земја „неухранетоста достигна критични нивоа“, рече портпаролот на УНИЦЕФ, Виктор Чињама, повикувајќи го светот „да дејствува веднаш“, бидејќи „ако се чека да се влоши ситуацијата или да се прогласи глад, може да биде предоцна“.
Во 2017 година, раната хуманитарна мобилизација помогна да се спречи гладот во Сомалија, што не успеа во 2011 година, кога 260.000 луѓе – од кои половината деца под шест години – починаа од глад.

фото:  tagesspiegel.de