Запленета дрога во вредност од 200.000 евра, сузбиена меѓународна група и уапсени се 10 лица, информира МВР – ММС
ММС

Објавено на: 02/23/22 12:49 PM

Запленета дрога во вредност од 200.000 евра, сузбиена меѓународна група и уапсени се 10 лица, информира МВР

На подрачјето на Скопје беше спроведена координирана полициска акција во која се лишени од слобода 10 лица и запленети се околу 40 килограми марихуана со вредност над 200.000 евра. Со тоа е сузбиена меѓународна криминална група во која, покрај наши државјани, учествувале и албански и косовски државјани, кои биле инволвирани во недозволена трговија и продажба на наркотични дроги. Тие организирале транспорт на марихуана од Албанија преку Косово во нашата држава, со цел понатамошен транспорт за Турција, соопшти МВР.

„Вчера, во вечерните часови, на локалниот пат за село Сопиште, полициски службеници запреле две патнички возила, „рено флуенс“, управувано од С.Ф.(36) и „фолксваген венто“, управувано од Б.Ф.(30), двајцата од с.Никиштане. Првото возило било „чистач“, односно известувало за присуство на полициски патроли. При преглед во багажникот од второто возило била пронајдена вреќа во која биле спакувани 27 пакувања со марихуана“, информира МВР.
Истовремено, на крстосницата кај трговски центар на Бит Пазар, полициски службеници од Интервентна полиција ги лишиле од слобода М.Л.(49) од Ѓирокастро, Р.Албанија, Љ.Н.(59) од Скопје и И.Е.(41) од Тетово, кои се превезувале со „пунто“, а координирано, во населбата Ѓорче Петров, бил лишен од слобода А.П.(57) од с.Грчец.
Биле извршени претреси на две локации во с.Патишка Река. Притоа, од слобода биле лишени две лица, М.А.(19) од с.Патишка Река и К.К.(31) од Скопје.

„За М.А. биле распишани три Централни потерници, по три судски наредби, бил веќе осуден на 2 години казна затвор и дополнителна мерка притвор, додека К.К. се барала по Централна потерница и судска наредба со определена мерка притвор, а при претресите биле пронајдени уште 26 пакувања марихуана“, сооштија од МВР. Додаваат дека, претреси биле извршени и на повеќе локации во Скопје, во с.Никиштани, кај С.Ф.(36), при што биле пронајдени машини за копање на биткоини, со кои се вршела кражба на струја, како и во Карпош и на Бит Пазар, при што биле пронајдени предмети поврзани со кривични дела. На излез на Граничен премин Долно Блаце, бил лишен од слобода и косовскиот државјанин Ф.Т.(32), при обид да побегне од државата.
Во текот на денешниот ден од СВР Скопје ќе поднесе кривична пријава до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција против 10 лица за извршено кривично дело по член 215 став 3 и истите ќе бидат спроведени пред Судија на претходна постапка до Основен кривичен суд – Скопје.

Акциите се спроведени од Бирото за јавна безбедност – Оддел за криминалистичка полиција, Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи, Одделот за специјални полициски операции со САЕ„Тигар“, Единицата за брзо распоредување, како и Одделот за сузбивање на сериозен и организиран криминал, Оперативен тим потраги, Единицата за недозволена трговија со дрога и Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје, а по насоки од надлежен Јавен обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција Скопје.