Анти-ковид мерките ќе се олабават на куково лето – Треба да имаме најмалку 70 отсто вакцинирани за да се опуштиме – ММС
ММС

Објавено на: 02/22/22 3:03 PM

Анти-ковид мерките ќе се олабават на куково лето – Треба да имаме најмалку 70 отсто вакцинирани за да се опуштиме

Пресекот од епидемиолошката состојба од минатата недела укажува дека во периодот од 14 до 22 февруари се намалил за 29,2%, а смртноста е намалена за 28 проценти. Но и покрај намалувањето на бројките, Комисијата за заразни болести не размислува да ги олабави мерките во следниот период како што тоа го прават најголемиот дел од европските земји, меѓу кои и Словенија која имаше и посериозна епидемиолошка слика од Македонија.

ММС го праша министерството за здравство зошто Комисијата за заразни болести не предложи олабавување на мерките по теркот на европските и зошто некои мерки, како онаа за задолжителен вакцинален сертификат или негативен ПЦР или антиген тест при излез од Македонија се активни шест месеци и не се се уште променети.

На првото прашање, министерството за здравство објасни дека нивото на вакцинација и целосна имунизација на нашата популација е пониско од Европа и затоа не може да се размислува за процес на отпочнување со олеснување и нормално функционирање на нашите граѓани во однос на мерките за заштита.

– Министерството за здравство преку Комисијата за заразни болести внимателно ја следи состојбата на дневна основа, на локално ниво на територијата на целата држава, а паралелно ги следи искуствата од останатите земји и согласно сите релевантни податоци се носат мерки, препораки и се креираат политиките прилагодени за нашата епидемиолошка состојба. Нивото на вакцинација и целосна имунизација на нашата популација е пониска од Европа. Мерките ќе се креираат врз основа на анализите што се прават и за таа цел веќе е отпочнат скринингот на население и ова ќе зависи исклучиво од епидемиолошката состојба.

Доколку добиените резултати се позитивни, односно како што веќе информираше министерот, над 70 проценти да е вкупната имунизација во државата, тогаш може да се размислува за процес на отпочнување со олеснување и нормално фунционирање на нашите граѓани во однос на мерките за заштита“, рекоа за ММС од министерството за здравство.

А бидејќи нивото на вакцинација е само 41% со две примени дози и познавајќи го отпорот на населението од вакцините за заштита од ковид-19, а за бустер доза уште помалку размислуваат, тогаш Македонија ќе ги олесни мерките на куково лето.

Второто прашање на ММС  до МЗ, за излез и влез на македонската граница од Комисијата го сфатиле како сугестија, па на последната прес-конференција д-р Злате Мехмедовиќ откри дека Комисијата за заразни болести денес предложила укинување на задолжително поседување на ПЦР или потврда за прележаност или вакцинација при излез од земјава, мерка што важеше шест месеци.

-Тоа не значи дека во земјите каде што ќе биде потребно да поседувате ПЦР тест или сертификат дека сте вакцинирани или прележани дека таму нема да ви се бара туку напротив, дека при излез од земјава на онаа мерка која што беше донесена минатата година дека треба да ги поседувате и да ги покажете на нашата граница, таквата мерка се укинува, рече Мехмедовиќ.

Комисијата предложи за бремените жени да се укине ослободувањето од работа согласно препораките од релевантни институции и од примерите во светот каде се препорачува бремените жени кои планираат бременост, се бремени или дојат да се вакцинираат и на тој начин да го заштитат свеоето здравје.

Во однос на прашањето зошто не можеме да се тестираме бесплатно преку Мој термин каде што се чека најмалку седум дена за закажување, од здравство за ММС рекоа дека ова прашање било меѓу првите приоритети на Министерството за здравство и министерот веќе контактирал  со надлежните во јавно-здравствените установи кои вршат ПЦР-тестирања и веќе се проширени капацитетите  за тестирање, односно отворени се три пункта .

“За таа цел се отвораат неколку дополнителни пунктови за тестирање.

Во Скопје почнувајќи од минатата недела пунктовите во Ѓорче Петров, Идадија и Бит Пазар се активни за закажување на термини и во нив може да се закажуваат тестирањата за КОВИД преку матичен лекар. Дополнително според планот предвидено е отворање пунктови во центрите за јавно здравје со цел тој период кој е воочен како предолг за закажување на тестирање да биде скратен“.

Орце Костов

фото: В. Тануровски/МИА