Намалени царинските стапки на 258 индустриски стоки и природниот гас – ММС
ММС

Објавено на: 02/22/22 11:30 AM

Намалени царинските стапки на 258 индустриски стоки и природниот гас

Трајно се намалуваат или укинуваат царинските стапки на 258 суровини и репроматеријали што ќе значи намалени увозни давачки за домашните компании. Ова се овозможува со измените и дополнувањата на Законот за царинска тарифа  кои беа усвоени од Собранието, информираат од Министерството за финансии.

Со овој Закон, смета Бесими, се придонесува кон подобрување на конкурентноста на домашните компании, поголема атрактивност на земјата кон привлекувањето на нови компании со странски капитал од различни стопански сектори, проширување на производството на постојните капацитети на домашни и странски компании, како и зголемување на вработеноста.

Според министерот значајна поддршка на домашните компании и индустрија за намалување на трошоците на производство дополнително се прави и со укинување на царинската стапка за природен гас, што е предвидено со ова законско решение. Истовремено, во услови на енергетска криза, со законот, се дава и придонес кон поголема ценовна стабилност на овој енергенс, а се поттикнува и промена на користењето на енергенсите кон енергенси кои помалку загадуваа.

Со Законот опфатени се суровини и производи кои не се произведуваат во земјата и се набавуваат од увоз, а нивните царински стапки во увозот во Македонија се значајно повисоки во однос на царинските стапки на овие производи во примена во Европската унија.  Со намалувањето на увозните давачки – царинските стапки  на ниво од ЕУ,  висината ќе се приближи кон царинските стапки што се применуваат во Европската унија,  што значи ќе се овозможи да се подобри конкурентноста на домашните компании и ќе има поголема атрактивност на земјата кон привлекувањето нови компании со странски капитал од различни стопански сектори, се вели во информацијата од Министерството за финансии.