Во периодот од 14 до 20 февруари регистрирани сe 6.119 нови позитивни ковид случаи, што е за 29,2 отсто помалку во однос на една недела претходно. Процентот на позитивност се движи од 16,7% до 31,1%, просечно 25,8%, покажува неделниот извештај на Институтот за јавно здравје. Тестирани се вкупно 23.396 материјали во лабораториите, што е намалување од 11,2% во однос на претходната седмица.
Во 29 (59,2%) од испитуваните примероци е докажана BA.1 сублинијата на Омикрон. Во 20 (40,8%) од испитуваните примероци е докажана BA.2 сублинијата на Омикрон – позната уште и како „stealth“.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=3.262; 53,3%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Неготино – 519,1/100.000, Скопје – 514,3/100.000 и Кавадарци – 507,4/100.000.
Најзастапена е возрасната група над 60г (n=1.482, 24,2%), а најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (n=327; 5,3%). Има намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, со најзабележителен пад од 31,5% во возрасната група од 20-29 години и 31,2% кај лицата на возраст од 50-59 години.
Со статус „оздравени“ се стекнале 8.797 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување. Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 863 реинфекции, со намалување за 29,8%.
Пријавени се 106 смртни случаи во 23 градови, за 27,9% помалку во однос на претходните седум дена. Најголем дел од нив се од Скопје (41). Најголем број (n=101; 95,3%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (4) и 40-49 години (1).
Во „Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика“ при ИЈЗ, во текот на изминатата недела, кај 49 позитивни примероци на SARS-CoV-2 од болнички и примероци од пунктовите е направено PCR тестирање за детекција на Омикрон сојот.
Заклучно со 20.02.2022, во земјава вакцинирани се вкупно 869.763 лица со барем една доза на вакцина против КОВИД-19. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 848.573 лица, а со трета доза се вакцинирани 140.455 лица.