Бочварски: Ако треба уште да се дебатира ќе дебатираме, но факт е дека законот за дивоградби е потребен – ММС
ММС

Објавено на: 02/21/22 3:04 PM

Бочварски: Ако треба уште да се дебатира ќе дебатираме, но факт е дека законот за дивоградби е потребен

Законот за дивоградби е закон кој што им е потребен на граѓаните. Ако пратениците се подготвени да го изгласат ќе биде во ред, но доколку одбиваат да дискутираат и да го гласаат тогаш државата ќе го повлече, смета Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски коментирајќи ја иницијативата на пратеничката од ДОМ, Маја Морачанин за надзорна расправа за Законот за дивоградби.

„ Ние сме подготвени за дебата секаде и на секое ниво со пратениците, пред се, заради тоа што сметам дека овој закон е потребен за граѓаните на нашата земја на коишто им е потребен кров над глава заради социјалниот аспект во државата и заради тоа сме подготвени да дискутираме и во Собранието и надвор од Собранието. Доколку државата е подготвена, доколку пратениците се подготвени во мнозинство да донесат ваков закон тоа ќе биде во ред, но доколку пратениците одбиваат да дискутираат и одбиваат да го изгласаат ваквиот закон тогаш државата ќе го повлече тој закон и заради тоа подготвени сме, дискутираме како и досега. Важно е да знаат граѓаните дека водиме грижа за нивните проблеми. Нивните проблеми не ги ставаме под тепих туку отворено дискутираме и така ќе продолжиме и во идниот период„“изјави денеска Бочварски по увидот на патот Крупиште-Кочани.

Новиот Предлог-закон  предвидува легализација на дивоградбите изградени до 1 јануари 2021 година. Предвиден е скалест начин за пресметување, за објект до 80 метри квадратни висината на надоместокот се зголемува за 50 проценти од основниот комунален трошок, а за објекти над 80 метри квадратни, тој надомест се зголемува за 100 проценти. Во прилог на барањето, како доказ за бесправен објект ќе се земаат само предвид сметките за јавни услуги. Од надомест за легализација ќе бидат ослободени граѓани кои имаат до 180 илјади денари нето годишен приход.

Нема да бидат легализирани сите видови на дивоградби изградени во рамки на заштитените подрачја.