Ковачевски сака да верува дека ненамерно бил исечен од фотографијата споделена од Петков – ММС
ММС

Објавено на: 02/21/22 1:59 PM

Ковачевски сака да верува дека ненамерно бил исечен од фотографијата споделена од Петков

Премиерот Димитар Ковачевски сака да верува дека ненамерно бил исечен од заедничката фотографија која со бугарскиот премиер Петков ја направиле за време на Минхенската безбедносна конференција, а на која се заедно со државниот секретар на САД Ентони Блинкен.

– Вчера веќе имаше изјава од страна на прес-службата на бугарската влада дека се работи за ненамерен пропуст. Јас и премиерот Петков и нашите делегации имавме навистина одлична комуникација во рамки на Минхенската безбедносна конференција и сакам да верувам дека одговорот даден од прес-службата на бугарската влада е вистински и дека ќе продолжиме со успешната комуникација и во иднина, рече Ковачевски коментирајќи го потегот на Петков.

Инаку бугарскиот премиер Петков вчера на својот фејсбук профил споредли повеќе фотографии направени за време на Минхенската безбедносна конференција, но симптоматична беше онаа на која тој е фотографиран со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, а нашиот премиер е исечен од фотографијата и му се гледа само ракавот.

Истата фотографија претходно ја имаше споделено и Ковачевски кој напиша дека била направена за време на обраќањето на потпретседателката на САД, Камала Харис, обраќање кое тој го следел заедно со Петков и Блинкен. Дополнително Ковачевски напиша дека Блинкен ја изразил својата целосна поддршка за дијалогот и пријателството меѓу Скопје и Софија.

Вчера во одговор за бугарската „Нова“ од прес-службата на Владата на Бугарија одговорија дека фотографиите се направени на самата конференција, а доколку некоја од нив е редактирана, тврдат дека тоа ненамерно се случило во прес-центарот.