Се каравме по неколку пати во денот, но никогаш не зажаливме што се венчавме – Легендата Ѓоко Хаџиевски со сопругата Тaња прослави 39 години брак – ММС
ММС

Објавено на: 02/21/22 7:30 PM

Се каравме по неколку пати во денот, но никогаш не зажаливме што се венчавме – Легендата Ѓоко Хаџиевски со сопругата Тaња прослави 39 години брак

Секој брак има подеми и падови, како впрочем и животот, но најважно од се е да се издржи на предизвиците и да се задржи љубовта и семејството.

Цели 39 години во брак неодамна прославија легендарниот фудбалски тренер Ѓоко Хаџиевски и неговата сопруга Тања, но славењата изостанаа бидејќи се наоѓаат на различни континенти. Тања со семејството е во Скопје, додека Ѓоко е во Саудиска Арабија.

Хаџиевски за ММС отвори душа и прозборе за бракот со Тaња, за предизвиците што ги носеле годините, семејството, но и љубовта која ги одржува и денес.

-Јас и Тања влеговме во брак со љубов, која се случи ненадејно. Се забавувавме само пет месеци, по што решивме да направиме свршувачка, а четири месеци потоа направивме и свадба. Искрено ние бевме доста поврзани цели 20 години. Прво живеевме седум години во Битола, каде ни се родија ќерките Стефи и Андреа. Потоа, во 1991 година се преселивме во Скопје, каде сме се до денес. Но, во меѓувреме променивме многу дестинации, поради мојата работа. Една година живеевме во Софија, па една година во Нови Сад , една година во Нагоја, Јапонија и три години во Грција. Така помина првата половина. Тоа е првата етапа, односно првите 20  години, вели Ѓоко.

Сето ова селење се должи на професионалните ангажмани на Ѓоко поради кои морале да ги менуваат местата. Но, професионалниот фудбал за Ѓоко завршува, по што почнува неговата тренерска кариера. Што, пак, значи разделба, односно поделба на семејството. Тања останува со децата во Скопје, додека Ѓоко менува неколку држави. Но, и оваа поделба не влијае врз бракот, бидејќи, како што вели тој, нивната љубов била силна.

-Колку беше убава нашата љубов зборува и желбата за трето дете, за Катја која ја добивме 2002 година. Значи 19 години разлика меѓу Стефанија, која е родена во 1983 и Андреа, која е родена во 1990 година, додава тој. Втората етапа од нашиот живот почнува кога Тања мораше да отвори приватна гинеколошка ординација, а тоа значело дека Тања  не ќе може повеќе да го прекинува работниот однос.  Од тој монент сме разделени. Тања со децата е во Скопје , а јас сум  сам надвор, далеку од Македонија. Бев во Азербеџан три години, па во  Саудиска Арабија четири години , во Емирати три години, во Кипар, во Египет, рече тој.

Далечината не си го направи своето, како што велат, напротив ги зацрвсти уште повеќе како семејство. И двајцата биле цврсто фатени за бракот и, вели тој, никогаш не зажалиле што се венчале.

-Што е она што не одржа? Па ние сме сериозни луѓе, успешни во својата професија, подржани од нашите родители да го цениме бракот. Секако и не си дозволуваме непримерни излети . Во сите овие 39 години ние не сме имале афера или разделба на одредено време, па да одиме кај мама и тато. Иако сме неверојатно тврдоглави да го докажеме нашето тврдење, па се каравме по неколку пати дневно, но тоа многу брзо завршувало како ништо да не било. Значи многу силно сме го држеле бракот, не сме се замислувале дека можеби направивме погрешен избор што одлучивме да бидеме брачни партнери, додава Ѓоко.

Богатството на овој брачен пар се трите ќерки и четирите внучиња. Како и секои родители и тој и Тања се многу грижливи кон нив и горди, бидејќи семејството сега веќе им е двоцефрено.

-Посебно сме грижливи кон нашите ќерки , можеби и досадни, но секогаш сме настојувале да имаме контрола над нив. Животот досте се промени , младите живеат од 15 години како да имаат 30 години. Во тој поглед мислам дека и јас и Тања го даваме максимумот да ги подржиме во нивниот развој. Горди сме нив , ни донесоа четири прекрасни внучиња , Гео(18) и Алексија (10) од Стефи и близнаците Алекс и Сандро, кои имаат по пет години ос Андреа.

Станавме двоцифрено семејство иако сме на три локации во Скопје, за среќа на пет минути далеку. Катја е галениче иако има 20 години  така што ја третираме како внуците.  Со Гео е како сестра, а Алексија , Алекс и Сандро сакаат секогаш да бидат во нејзино друштво, ја обожаваат. Е сега дали во ваква опкруженост со љубов кон децата и внуците можеме да имаме иста страст во бракот? Нормално е тешко, зошто во секој момент размислуваме кој каде е и какви потреби има, вели Ѓоко.

Во нивниот брак има толку убавини, поради ки Ѓоко вели дека ништо не би менувале.

-Да, да ништо не би менувале и повторно да почнеме би посакал ваков епилог. Се уште сме многу ангажирани во нашите професии. Јас гордо велам дека јас сум пресреќен со она што го остварив до сега во мојата кариера , а Тања е доказа на многу квалитетен гинеколог. Моја е вината што  не беше можеби и врвен гинеколог , зошто долго време ја жртвуваше својата кариера за да биде со мене во странство. Ете вака го одржуваме нашиот брак. Можеби не сме идеални, но со оглед на тоа што долго време сме присутни во јавниот живот, имаме голем број на пријатели  меѓу нас, го обиколивме светот, цврсто стоиме на земја и не мечтаеме за мерцедеси и  вили на море. Среќата наша се нашите деца и внуци . Само здравје да има, вели на крајот Ѓоко.

Весна Миленковска