Основното јавно обвинителство Охрид донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, 24-годишен жител на селото Белчишта, општина Дебрца, поради основано сомнение дека сторил кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.
Како што соопштија од ЈОРМ, поведувањето на постапката следи откако јавен обвинител од ОЈО Охрид, во координација со екипа од МВР, изврши увид на самото место на сообраќајна несреќа , која се случи утринава после полноќ, на магистралниот пат Охрид-Кичево, во близина на селото Подмолје.
„Несреќата се случила кога осомничениот, управувајќи патничко моторно возило „Ауди А6“ со охридски регистарски ознаки, не се придржувал на условите на патот, не ги почитувал сообраќајните прописи и во видно алкохолизирана состојба, преминал во лентата од коловозот наменета за движење на возила од спротивен правец. Во тој момент со возилото удрил во возило „Фолксваген поло“, управувано од 30-годишно лице од Охрид. Од ударот настанале тешки повреди кај возачот на автомобилот „Фолксваген поло“ поради кои настапила смртна последица“, стои во соопштението.
Се додава дека, веднаш по увидот, јавниот обвинител издал насоки и наредби за прибирање на траги од местото на настанот, за утврдување на количество на алкохол во крвта на осомничениот, за сообраќајно – техничко вештачење, како и за обдукција на телото на починатиот.