(Видео) Зошто бил приведен пејачот Тарабунов во полициската акција во Битола? – ММС
ММС

Објавено на: 02/20/22 8:16 PM

(Видео) Зошто бил приведен пејачот Тарабунов во полициската акција во Битола?

Пронајдена дрога, лажен сертификат, лица без сертификати, четири објекти запечатени во акциска контрола на угостителски објекти во Битола.

Ова е информацијата која денес МВР ја испрати во врска со акцијата во Битола. Речиси во исто време пејачот Александар Тарабунов на својот профил на Инстаграм објави дека нокеска во Битола бил уапесен и по осум часа пуштен од полициската станица.

МВР во соопштението денес  наведе дека во периодот од 01.30 до 04.30 часот полициски службеници од БЈБ при МВР во координација со ДПИ, УЈП и Државниот инспекторат за труд спроведоа акциска контрола во четири ноќни клубови и кабареа во Битола.

-Во два ноќни клуба е пронајдена дрога (прашкаста материја и марихуана), едно лице употребило лажен ковид сертификат, а до надлежното обвинителство ќе биде поднесен поднесок и против сопственик на објект кој упатувал закани кон полициските службеници и инспекциските служби. Ќе следат соодветни поднесоци и затоа што во ноќен клуб е затекнат малолетник по 24 часот, биле констатирани прекршоци и по законот за пушење. 42 лица биле во четирите угостителски објекти без ковид сертификат и се запечатени од страна на Државниот пазарен инспекторат и ќе следат соодветни поднесоци, се вели меѓу другото во соопштението на МВР.

Тарабунов, пак, се пожали на полицијата која, како што вели, го однеле во станица „буквално за ништо“.

-Вчера вечерта бев уапсен во Битола каде што настапував, како да сум најголем криминалец. Со лисици, со туркање во комбе ме однесоа во станица, буквално за ништо. Изрежираа дека се противам на началникот и дека немам лична карта, иако се обидов да ја покажам и заедно со сопственикот на локалот не’ држеа до 8 сабајле. Спијте мирно луѓе, нема веќе криминал, се’ е решено“ – напиша тој на Инстаграм.

Што навистина се случувало и зошто е приведен пејачот ММС се обиде да дознае и од Тарабунов и од МВР. Но, и од двете страни нема никаков одговор.

-Имавме акциска контрола во четири објекти во Битола, повеќе лица беа приведени, ни одговорија од МВР, но не и зошто е приведен пејачот.

Се обративме и до Тарабунов, кој, пак, ни рече:

„Не можам да се нервирам, цел ден. Батали, не ми се зборува. Изморен сум, одговори кусо тој.

Зошто е приведен и пејачот во акцијата не успеавме да дознаеме, бидејќи и МВР и Тарабунов засега молчат.

В.М.