Украинскиот претседател Зеленски повика на итен прекин на огнот – ММС
ММС

Објавено на: 02/20/22 4:07 PM

Украинскиот претседател Зеленски повика на итен прекин на огнот

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски повика денеска на итен прекин на огнот во источниот дел на земјата, каде во изминатите денови се интензивираа судирите меѓу проруските и украинските сили.

Тој, исто така, нагласи дека Украина ги поддржува мировните преговори во рамки на Трилатералната контакт група (ТЦГ), каде Украина учествува заедно со Русија и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

„ Ние сме посветени на интензивирање на мировниот процес. Го поддржуваме свикувањето на ТЦГ“, напиша Зеленски на Твитер.

Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас смета дека Западот мора да го запре рускиот претседател Владимир Путин бидејќи, според неа, тој нема да запре на Украина.

„ Балтичките земји се во опасност… и Западен Балкан. Путин сето тоа го кажа јавно, дека сака да создаде Голема Русија, дека сака да се врати на ситуацијата која била порано, кога Русија имаше контрола врз огромни делови од Источна Европа, истакна Трас во интервју за Дејли мејл.

Таа верува дека Путин се обидува да ги обнови границите на Советскиот Сојуз и смета дека е важно западните сојузници да му се спротивстават.

„ Украина може да биде наредната недела, но која земја ќе биде следна?, праша Трас.

Шефицата на британската дипломатија додаде дека ако му се дозволи на Путин да ја нападне Украина, тој ќе продолжи да војува со соседните земји.

Полска, која моментно претседава со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), денеска најави дека ќе свика вонредна седница на Постојаниот совет на таа организација поради ситуацијата во Украина.

Украина побарала седницата да се одржи утре, се наведува во писмото што на Твитер го објави постојаниот претставник на Полска во ОБСЕ, Адам Халачинские.

Западните земји ја обвинуваат Русија дека се подготвува да ја нападне Украина, додека Москва ги негира таквите тврдења.

mia

foto-nypost.cim