Јорданецот Мухамед Калифа тврди дека по трансплантацијата на срце почнал да ги чувствува емоциите на личноста што била донатор на органот, пишува Агенција Анадолија (АА).
Триесет и едногодишниот Мухамед од Аман се разболел во 2013 година, а лекарите му дијагностицирале запушување на коронарната артерија и акумулација на течност во белите дробови поради проблеми со срцето.
По 24-дневна хоспитализација во болницата „Принц Хамза“ и Центарот за срце во Аман, Калифа бил отпуштен како пациент со срцево заболување и со лекарска препорака повеќе да не работи, да не се заморува и да избегнува сол. Дневно земал по шест лекови.
Во разговор со АА, Калифа раскажа дека по излегувањето од болница го продолжил животот како да е здрав и дека патувал со пријателите додека состојбата повторно не му се влошила во 2014 година кога повторно е хоспитализиран и отпуштен од болница со истите медицински препораки.
„Моето расположение беше многу лошо. Бев толку очаен што почнав повеќе да пушам. Моето семејство ме поддржа да се извлечам од ова лошо расположение. Потоа се запишав на курс за телевизиска продукција и почнав да работам“, рече Калифа.
Неговата здравствена состојба продолжила да се влошува и лекарите го предупредиле дека трансплантацијата на срце му е единствениот спас.
Младиот Јорданец во 2018 година почнал да живее кај пријател за да се извлече од депресијата и лошото расположение, но за неколку дена се вратил дома.
„Би сакал да ви раскажам посебно за тој ден. Се вратив дома. Потоа зедов абдест и се помолив. Искрено се молев на Алах. Читав Куран, а потоа отидов во мојата соба. Половина час подоцна се случи буквално чудо. Докторот му се јави на мојот татко и му кажа дека пронашле срце на донатор. Ме повикаа на трансплантација на срце“, рече Калифа.
Напоменувајќи дека инсистирал на трансплантација, и покрај приговорите на мајка му, Калифа рече дека на операцијата отишол со многу надеж и висок морал.
Напорната операција траела два и пол часа, а Калифа рече дека по операцијата најпрвин сакал да ја види мајка си и да испие чаша вода.
„Многу плачев додека нормално пиев вода, што пред операцијата со години не можев“, рече Калифа, кој закрепнувал во болница четири месеци и дома уште неколку месеци, но без директен контакт со луѓе поради загрозеност на неговиот имунитет.
Донорот била професорка по англиски јазик која починала на 38-годишна возраст, а Калифа инсистирал да го запознае нејзиното семејство.
Истакна дека почувствувал невидено олеснување кога отишол во куќата на семејството на донорот, а особено му оставило впечаток чувството на блискост со нејзината мајка.
Наведувајќи дека мајката на донорот не знаела дека доаѓа, Калифа рече дека на првата средба му рекла дека чувствува присуство на некој многу близок. Се изненадил кога му кажала дека нејзината ќерка сакала арапска храна, кускус и црно кафе.
„По операцијата доживеав некаква трансформација и оттогаш сакам кускус и црно кафе. Можеби тоа не е научно докажано, но по операцијата почнав да чувствувам голема блискост и слични емоции со семејството на донорот“, појасни Калифа.
Тој рече дека по операцијата има многу слични емоции и со сестрата близначка на донорот.
„Неодамна имав проблеми со лошото расположение. Кога ѝ се јавив на сестрата на донорот, дознав дека таа ги има истите психички проблеми поради ситуацијата на работа“, рече Калифа.
foto-AA