Бизарни казни за рецепти од пред неколку години добиле штипските матични лекари – ММС
ММС

Објавено на: 02/18/22 3:41 PM

Бизарни казни за рецепти од пред неколку години добиле штипските матични лекари

Матичните лекари од Штип се револтирани поради тоа што изминатите месеци се принудени да плаќаат казни за издадени рецепти во текот на 2015 – 2016 година, при контроли направени пред три години. Овие казни се по 15.000 денари и повеќе, затоа што имало примери кога издале рецепти за лек препишан од специјалист, кој пак не ја напишал точно дијагнозата. По правило, како што велат лекарите, во тој случај треба да се врати пациентот назад кај специјалистот и да побара да напише нов извештај. Тоа значи ново шетање на болен пациент, некогаш и опериран меѓу лекарските ординации, за лек кој чини 400-500 денари.

-Ние предложивме двојно, па и тројно да го платиме издадениот лек и да ги избегнеме високите казни, кои во услови на драстично зголемени трошоци на работење, ги доведува ординациите на раб на рентабилност, велат штипските лекари.

Сметаат дека има многу проблеми за решавање, почнувајќи од нискиот капитационен бод до преплавеноста со административна работа. Како што велат, повеќе се свртени кон компјутерите, отколку кон пациентите, што треба да се промени.

Во знак на поддршка на колегите, матичните лекари од Штип денеска излегоа на протест пред Здравствениот дом, истакнувајќи неколку барања, но потсетија и на наметнатите услови од државата.

Лекарите се пожалија дека обврски се зголемуваат, особено последните две години за време на пандемијата, додека капитацијата останува иста.

-Капатациониот бод не ги следи условите на пазарот. Бараме основен пакет на услуги, минимален влез кај матичниот лекар и намалување на административни обврски, кои се огромни и се’ повеќе сме оптоварени, изјави д-р Јулијана Мешинковска, претседател на Здружението на матични лекари во Штип.

Матичните лекари на протестот реагираа дека додека лекарите од терцијалната дејност беа наградени, матичните добија казни од државата.

-Во период на пандемијата, матичните лекари го понесоа главниот товар и за разлика од другите, беа казнети за административни пропусти, дополни Мешинковска.

Во Штип работат околу 30 здравствени ординации со околу 70 матични лекари.