Системот на филтер станицата е оптимизиран, но се чека на крајното одобрување од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), што треба да се случи во наредниот ден – два. До тогаш, важи препораката водата од штипскиот водовод да се употребува само како техничка вода. Од вчера граѓаните користат пакувана вода, а од денеска на располагање им се цистерните, кои по одреден редослед се распоредени низ различни делови од градот и населбите.
Ова беше кажано на денешната прес конференција во ЈП „Исар“, каде градоначалникот Иван Јорданов објасни дека не се работи за настанат проблем или неисправност на водата за пиење, како што се шпекулираше, туку за оптимизација на системот, пред пуштање во системот на водата од ХС „Злетовица“.
-Ние и вчера и денеска правиме анализи на водата во сите релевантни институции, и сите анализи покажаа дека ова е најчистата вода што Општина Штип ја имала до сега. Пред да ја пуштиме водата ги информиравме граѓаните дека правиме тестирање и оптимизација на системот и треба да се направи дополнителна преадаптација во хлорирањето и дополнително за тоа да се издаде решение од АХВ, објасни Јорданов.
Како што објасни директорот на ХС „Злетовица“, Миле Илиевски, водата од хидросистемот е мека планинска вода, додека речната вода е тврда вода, што значи дека има и разлика во начинот на третман и хлорирањето. Токму поради тоа, се пристапува внимателно кон овој процес.
-За нас ова беше очекувано. Потребно е усогласување при мешање на водата од двата система (бунарскиот и од „Злетовица“), прилагодување на софтверот и опремата, која ќе врши дозирање на хлор. Ова со цел дозата да биде во дозволените граници и водата што се пласира кај населението да биде безбедна за пиење, изјави Илиевски.
Според директорот на „Исар“ Трајче Здравков, системот е веќе оптимизиран, но од претпазливост ја чекаат дополнителната дозвола од АХВ, која треба да потврди дека хлорирањето е во ред.
Во меѓувреме, општинските институции се обезбедени со вода, за граѓаните исто така, цистерни со вода. Остануваат препораките водата од водоводот да се користи како техничка вода, се’ додека не се добие одобрувањето.
Градоначалникот Јорданов истакна важно е што со приклучувањето на ХС „Злетовица“ Штип долгорочно, на 50 години го решава проблемот со квалитетно водоснабдување и повика на уште ден – два трпение кај граѓаните.