Ги покачија ли за џабе пластичните кеси? – Стручњаците велат дека хартиените кеси имаат полошо влијание врз животната средина – ММС
ММС

Објавено на: 02/18/22 10:27 AM

Ги покачија ли за џабе пластичните кеси? – Стручњаците велат дека хартиените кеси имаат полошо влијание врз животната средина

За хартиените ќеси се вели дека се добра алтернатива на пластиката, на пр. за пакување овошје и зеленчук во продавница. Се прават од рециклирана хартија, биоразградливи се… Сепак, некои стручњаци велат дека, освен поизразените својства за можност за рециклирање, нивното влијание врз животната средина може да биде и полошо од пластичните ќеси.

Пред сѐ, потребни се повеќе материјали за да се произведе издржлива хартиена ќеса. Ова подразбира хемиски третирани влакна. Покрај тоа, за производството на целулоза треба повеќе енергија и вода.

Поради овие причини, ќесата за еднократна употреба, од свежи хартиени влакна, треба да се користи најмалку трипати почесто од пластична ќеса за да се избалансира климатското влијание, пишува порталот „Глас Истре”.

Покрај тоа, некои познавачи велат дека многу производители сè уште користат пластична или алуминиумска фолија залепена внатре за да спречи кинење на хартијата кога ќе дојде во допир со влага. Ваквата обработена хартија е проблем, бидејќи тешко да рециклира.

Германското Федерално министерство за животна средина, исто така, ги оценува хартиените ќеси како „не многу подобри од пластичните ќеси за еднократна употреба”. Сè на сè, доколку се користат хартиени ќеси, задолжително е да се употребуваат неколкупати, советуваат од Министерството.

Околу алтернативите, според наводите, полиестерските мрежи за овошје и зеленчук за повеќекратна употреба се на врвот на скалата на одржливост.

Памучните мрежи се на второ место, под претпоставка дека ќе се користат повеќепати. Сепак, тие мора да се направени од органски памук, инаку процесот на производство може да биде многу штетен за животната средина поради големата употреба на вода.

Пластичните ќеси направени од пченкарен или компир скроб, кои се прикажуваат како „биоразградливи”, според стручњаци, исто така, се спорни.

Еден од заклучоците е и дека компостирањето по само една употреба е губење ресурси. Ако пак, после сè, разградливите ќеси сепак се чинат како најдобра алтернатива, треба да се предадат на индустриска постројка за компостирање на последователна разградба. Материјалот нема правилно да се распадне на било чие место за компост.

МИА