Моника и Иле на Пијанечко-малешевската свадба стапија во брак слично како нивните баби и дедовци – ММС
ММС

Објавено на: 09/10/18 6:44 AM

Моника и Иле на Пијанечко-малешевската свадба стапија во брак слично како нивните баби и дедовци

ММС, 10.09.2018

Според сите стари обичаи од малешевско-пијанечкиот крај, викендов на традиционален начин на 12. издание на Пијанечко-малешевската свадба стапија во брак Иле Гоцевски од Штип, кој по потекло е од пехчевското село Панчарево, и Моника Параскова, сега Гоцевска, од Пехчево. Главниот дел од манифестацијата беше во саботата, кога беше организиран и свадбарски ручек на автентичен начин за сите гости, а веселбата продолжи вечерта на летната сцена на плоштадот во Делчево.

– Се пријавивме лани да бидеме младоженец и невеста на Пијанечко-малешевската свадба. Бевме ставени на листата на чекање. Среќата ни’ се насмевна, па годинава бевме избрани. Беше напорно сите овие денови, но вреди да правиш свадба каква што некогаш правеле нашите баби и дедовци, а на овој наин се зачувува таа убава традиција – вели младоженецот Иле.

Иле и Моника Гоцевски

Тој работи како диспечер, а Моника е професионален војник во АРМ. Сега двајцата живеат во Штип.

– Голема чест и задоволство е да се биде дел од оваа манифестација и многу сме им благодарни на организаторите што не’ избраа. Невестинската носија во која сум облечена е од малешевскиот крај. Во такви или слични некогаш биле облечени и нашите баби кога стапувале во брак – истакнува Моника.

Малешевско-пијанечката свадба е проект на КУД „Гоце Делчев“ од Делчево во соработка со делчевската локална самоуправа, а поддржан од Министерството за култура и од општините Пехчево и Берово, а во функција на збогатување на туристичката понуда на регионот. Таа е дел од Меѓународниот фолклорен фестивал „Делчево“, кој викендов се одржа по 42. пат, а настапија десетина фолклорни ансамбли од Македонија и пет од странство.