„Некој сака да не растажи како нација, но имаме верба во Бог“ – Иван Олејник од Украина зборува за животот во страв – ММС
ММС

Објавено на: 02/17/22 7:32 PM

„Некој сака да не растажи како нација, но имаме верба во Бог“ – Иван Олејник од Украина зборува за животот во страв

Додека Западот и Русија се обвинуваат, а украинските власти најавуваат дека ќе ја одбранат достоинствено својата татковина, украинскиот народ се чини никој не го прашува што сака и во што верува.

Иван Олејник и неговата сопруга Лила

Украинците важат за мирољубив народ, посветен на семејството и духовните вредности потпирајќи се  многу на својата православна вера и својата црква.

Иван Олејник е Украинец кој со своето семејство живее и егзистира во Черновиц, западна Украина близу границата со Романија.

За Македонски Медиа Сервис, Иван зборува за тоа како украинските граѓани ја доживуваат кризата и дали воопшто се подготвуваат за најлошите сценарија кои ги најавија некои светски медиуми. Колку се плашат за своите животи и семејствата.

– Поздрав до Черновиц. Добри сме сите тука и се е нормално, не се чувствува некоја голема тензија, беа првите зборови на Иван Олејник за ММС.

Иван Олејник (лево) со пријателите во Черновиц

Животот во Украина засега тече нормално. Тој секојдневно работи во својата компанија за изработка на камени и мермерни огради, игра фудбал во украинската лига за ветерани над 50 години и секое попладне е посветен на своите внучиња.

Иван вели дека засега луѓето не се подготвуваат за најлошите сценарија и не зборуваат постојано за ситуацијата, иако, како и секој нормален човек, се плашат од војна.

– Не се подготвуваме за војна, нема потреба за тоа и меѓу нас не владее паника, но има страв. Очигледно е дека сите се плашат од војна, сите имаат деца, внуци, блиски пријатели и роднини. Некој сака да не растажи како нација, но не знам кому му користи тоа. Ние имаме верба во Бога и затоа им порачуваме на сите „Господ да ви даде мир“. Искрено, се надевам дека целата ситуација ќе заврши во мир затоа што сакаме да живееме во мир и благососојба – истакна Олејник.

Украинците се големи почитувачи на православната вера

Најголемиот дел од македонските граѓани сметаат дека проблемите со Бугарија ги создале политичарите, а на истиот став се и Украинците: политиката е главниот проблем и таа отсекогаш ја создавала омразата меѓу народите, во овој случај помеѓу Украинците и Русите.

– Ние православните верници ги сакаме и почитуваме сите луѓе и веруваме дека Божјата љубов кон луѓето ќе ни помогне да преживееме. А, неволјата меѓу народите отсекогаш ја создавале политичарите. Јас како верник не можам да мразам некого, затоа што сите луѓе се пред Бога исти. Но, бидејќи сакам цел свет да живее во мир и љубов, затоа и не сум станал политичар. Ние сме Украинци, божја сакана нација, ќе бидеме во ред. Ние Украинците сакаме мир за сите народи. Нашиот претседател и Владата го видоа и го прифатија единството на украинскиот народ и тоа го знаат сите во регионот – раскажа Иван.

Украинците ги чувствуваат Македонците и Русите како свој близок народ поради силното верување во православието и затоа Иван упати порака за мир до сите граѓани.

– Сакам да им се обратам на Македонците како силни верници и добра нација, живејте браќа и сестри во мир меѓу себе, да си простуваме и да веруваме во Божјата Промисла…Помогнете си еден на друг и не чекајте некој друг да ви помогне – порача Иван Олејник кој специјално за ММС опиша како се чувствува обичниот украински граѓанин во моментите кога во секој момент може воената криза да ескалира, а тие да се најдат меѓу два огна помеѓу Западот и Русија.

 

Орце Костов

фото: Приватна архива