„Секирата ми беше на 5 сантиметри од мојата глава, залудни беа убедувањата дека не сме дојдени за лошо, а насилникот ме фати и ме турна по скалите“, раскажува новинарот Невриј Адеми на денешната средба со колегите новинари.
Тој се уште е видно потресен откако вчера беше нападнат од жител на гостиварското Ѓурѓевиште, каде со неговиот колега снимаа прилог за училиштето во ова село.
Најпрвин сакаше да ме нападне со едно железо, но потоа ја зеде секирата од школскиот двор со која претходно работеше служителот. Сето тоа се случуваше пред очите на учениците и преплашените наставници.
-Додека снимавме се доближи еден човек со автомобил кој седеше пет минути надвор, додека нашиот снимател беше внатре во училиштето, каде снимаше снимки. Кога излезе нашиот камерман тој упати пцовки кон нас, почна да навредува и дојде до влезот на училиштето. Ме фати мене и ме турна по скалите. Му укажувавме дека тука не сме за нешто лошо, туку го снимаме само училиштето дека е направена некоја инвестиција. Но, тој не сакаше ниту да не слушне. Хигиеничарот цепеше дрва и тој бараше нешто да земе и кога хигиеничарот ја остави секирата да ги нареди дрвата, тој ја зеде секирата и право кон нас, вели Адеми и додава:
– Секирата ми беше буквално пет сантиметри до мојата глава и продолжуваше со навреди. Позади мене имаше две учителки тие пискаа, а имаше и настава, замислете децата кога го виделе тој со секира. Ние некако избегавме, влеговме во автомобил и се упативме до селото Неготино, полошко на околу пет километри од Ѓурѓевиште. И дотаму напаѓачот не следеше. Потоа ние заминавме во полиција да го пријавиме случајот и во ЗНМ и во сите други институции, вели новинарот Невриј Адеми.
Тој истакна дека правдата ќе ја тера до крај. Треба сите до дознаат што се трпиме ние новинарите за да подготвиме на крајот од денот еден извештај од пет минути.
-Обвинителството треба да биде поажурно и го замолувам предметот да не го забораваат и чуваат во фиока, насилниците мора да се казнат. „Сметам дека во сето ова има некој политичка позадина, оти напаѓачот спомнуваше политички партии и политичари“, додаде тој.
-Ќе се гони кривично, тој беше во притвор 24 часа денеска е пуштен, го молам обвинителството да земе мерки за да не се случуваат вакви настани, да не чекаме години да пројдат за тие да донесеат одлука. Јас не можам да кажам зошто тоа го направи, но првите зборови на напаѓачот беа политички. Ми велеше тебе те испрати некој овде, пцуеше лидери на партии. Не можам да кажам дека тој беше од некоја партија, но ја спомна ДУИ и кажа дека ние правиме вести против Алијанса на Албанците. Ова не е прв пат да сум нападнат, не сакам на некој колега да му се случи истото, за да не се повтори треба обвинителството да реагира и да не ги заборава предметите во фиока, вели новинарот Адеми.
Лицето кое го нападна Адеми вчера беше приведено од полицијата, а ЗНМ побара брза и ефикасна истрага.
(З.Д.)