Кумановци и тетовци не љубат да носат маски – Државата од казни за неносење заштита на лицето ќе се офајди со над 1,5 милиони евра – ММС
ММС

Објавено на: 02/17/22 11:15 AM

Кумановци и тетовци не љубат да носат маски – Државата од казни за неносење заштита на лицето ќе се офајди со над 1,5 милиони евра

Цел свет, па и ние, речиси две години живееме со разни антиковид мерки кои вклучуваат задолжително покривање на носот и устата со маска.

Сепак, и покрај казната од 20 евра за непочитување на оваа мерка, голем дел од граѓаните не покажаа посебна дисциплина, како и ниво на хигиена, расфрлани маски по земја се уште ги „красат“ улиците. Непослушноста е кај некои е поради неверување дека маската ќе ги заштити од инфекција, а дел од некаков инает, во смисла „тие мене ќе ми наредуваат“.

Недициплината кај граѓаните јасно се гледа во официјалните податоците од Министерството за внатрешни работи.

„Во делот на прекршоците за неносење на заштита на лицето во 2021 година, на територијата на РСМ констатирани се вкупно 75.810 прекршоци. Најголем дел од прекршоците се на подрачјето на СВР Куманово – 16.886, потоа следуваат СВР Тетово со 14.795, СВР Скопје – 11.289 прекршоци, СВР Битола – 7.519 и СВР Охрид со 7.097 прекршоци“, информираа за ММС од ова министерство.

Ако се има предвид дека казната за неносење на маска изнесува 20 евра, тоа би значело дека вкупната вредност на казните е 94.762.500 денари или 1,5 милиони евра, средства кои треба да се слеат во буџетот на РСМ, зависно од времето на казната.

МВР нема конкретен податок колку од изречените казни се наплатени, со оглед дека секој граѓанин поединечно плаќа, а ако плати во рок од осум дена, уплаќа половината од сумата.

Бројката на непослушните е уште поголема, ако се има предвид дека полициските контроли е невозможно секаде и на секое место да ги уловат и казнат непочитувачите, но и оние граѓани кои носат маски, но спуштени под носот или на брадата, па не се знае дали се за казна или не се.

Задолжителното носење маска, марама или шал секаде во затворен простор, за да се спречи ширење на вирусот, се воведе на 1 мај 2020 со одлука на Влада од 23 април. Прво важеше само Прилеп, Куманово и Тетово, каде најмногу имаше заболени од ковид-19, па потоа и за цела земја.

 

КумаНа почетокот полицијата даваше само опомени, затоа што според Владата, целта беше да не се казнува, туку да се обезбеди почитување на мерките. Овие мерки за носење маска цел овој период не важат за лица помлади од шестгодишна возраст и за лица со посебни потреби и пречки во развој.

 

На крајот на октомври 2020, пак, Владата донесе одлука за задожително носење на маски и на отворено, за движење во група поголема од двајца, како и во возило, ако патниците не се роднини или лица со кои живеат заедно. Исклучок од мерката беше ако се спортува на отворен простор или на затворено со почитување на протоколите за заштита. Оваа мерка се укина лани на 1 јуни.

За време на овој период за задолжително носење маска на отворено, кој траеше околу 7 месеци, на граѓани им беа изречени 193.000 казни.

Маја Томиќ