Жител на едно од селата во Општина Старо Нагоричане бил отпуштен од болница, но не може да се врати дома, оти патот до неговото село М’глинце не е расчистен од снег.
Мештаните го контактирале Регионалниот центар за управување со кризи, од каде пак стапиле во контакт со одговорните од Општина Старо Нагоричане. Добиле уверување уште вчера дека патниот правец од селото Малотино до селото М’глинце се расчистува од фирма со која општината имала склучено договор.
– Состојбата сѐ уште не е променета бидејки расчистувањето на патот оди многу споро. Според информацијата на лицето за контакт со Општина Старо Нагоричане во 14:20 часот сме известени дека патот не е расчистен но и дека во одсечениот дел нема загрозено ниедно лице пред се од здравствени или било кои други причини, стои во дневниот билтен на РЦУК.
Иако нема здравствено загрозени лица, сепак еден мештанин кој излегол од болничко лекување не може да си оди дома поради нерасчистениот патен правец на кој има наноси и до еден метар.
Регионалниот центар за управување со кризи ја известил општината ако ги искористат сите расположливи ресурси, а и понатаму не можат да се справат со снегот, согласно законските процедури помош треба да побараат од Дирекцијата за заштита и спасување.
– Исто така од лицето за контакт сме информирани дека и градоначалникот Жаклина Јовановска со наведеното лице веќе има стапено во директен контакт телефонски. Вчера вечерта по наше јавување, одговорното лице од Општина Старо Нагоричане ни потврди дека патот уште е непрооден и чистењето на патот оди многу бавно, стои во извештајот на РЦУК.
Било договорено денеска да се направат напори, лицето од болница да се однсе дома.
– Од Општина Старо Нагоричане потврдија дека ќе ја превзема обврската за справување проблемите и се очеку во текот на денешниот ден да се прави подетална анализа на ситуацијата и да се утвдат наредните чекори за отсранување на овие проблеми, наведуваат од Регионалниот центар за управување со кризи.
На патот има навеви од снег високи до еден метар и тоа во должина од околу километар, непрооден е за сите видови возила, а селото во кое населени се десетина куќи, според вчерашните информации е и без струја.
И завчера општинските власти правеле обиди да го расчистат патот, но едно од возилата се заглавило во кал. Засега е нејасно дали е побарана интервенција од страна на Дирекцијата за заштита и спасување.
(Н.И.)