Од денеска, како што информираше ЈП „Исар“, почнува со комбинирано снабдување на вода од бунарскиот систем, која преработена ќе се испорачува со водата на ХС „Злетовица“. Анализите покажаа дека водата од „Злетовица“ е квалитетна, по што се добиени сите потребни дозволи за нејзина употреба. Денеска во филтер станицата во Штип беше потпишан договор со кој се уредува преземањето на водата од „Злетовица“.
Цената на водата од Злетовица кој Исар ќе изнесува 4,69 денари, додека цената кон крајните потрошувачи, граѓаните на Штип, останува иста.
-Имаме проекција за цената на водата до 2023 година. Проектот е заокружен, се’ функционира беспрекорно, водата е со одличен квалитет, рече директорот Трајче Здравков.
Речиси 10 години се чекаше на водата од Злетовица. Штип како најголема општина во регионот, се соочи со проблемот на прифаќање и преработка на водата од хидросистемот, затоа што филтер станицата е градена за прифаќање на бунарските води, но не и за површинските. Поради тоа, со средства од Владата беа адаптиран дел од филтер станицата, што по пробниот период покажа дека работи без проблеми и може да испорачува вода. Штип од Злетовица ќе добива до 360 литри во секунда, што целосно ги задоволува потребите на граѓаните, кои во просек годишно трошат по 180 литри во секунда. Но, филтер станицата не беше и единствената пречка за прифаќање на водата од Злетовица, туку јавно се проблематизираше и нивото на радиоактивност на водата.
-Повеќегодишна манипулација на одредени луѓе дека водата е радиоактивна. Сето тоа апсолутно не е вистина, бидејќи ние во последните две години, два пати годишно вршиме комплексна анализа на квалитетот на водата каде се мери и содржината на тешките метали, вклучително и на радиоактивноста. До сега, откако пласираме вода во Свети Николе и во Пробиштип, во анализите нема забележано присуство на ниту еден тежок метал, вклучително и радиоактивност на водата, изјави Миле Илиевски, директор на ХС „Злетовица“.
Штип станува третата општина во регионот, која се приклучува на Злетовица. Бунарскиот систем останува како алтернатива во случај на помала издашност на хидросистемот, што според директорот на Злетовица Илиевски, е речиси невозможно, бидејќи акумулацијата има доволно вода, што може да ги задоволи потребите на општините и во најсушниот период, како што покажа изминатото лето, кога браната не ја ни почувствува летната жед. Хидросистемот е подготвен да испорача 500-600 литри вода во секунда.
Илиевски се заблагодари на јапонскиот народ и штипјанецот Коста Балабанов, со чие залагање и долгогодишна работа овозможи да се случи денешниот ден, кога планинската вода од Злетовица стигнува до домовите на штипјани.
Изградбата на делот за водоснабдување на ХС Злетовица чини 80 милиони долари, што сега во две рати годишно ги враќа Министерството за финансии. По 2028 година, ХС ќе почне бескаматно да ги враќа овие пари на ова Министерство.