По испадот во напонската мрежа што се случи на 13 февруари ( недела ) во 17,20 часот, АД МЕПСО информира дека работна група од стручни лица во компанијата работи на лоцирање на причините за прекинот во снабдувањето со струја поради што неколку општини во Скопје, делови од Велес и овчеполието, 40-тина минути беа без напојување.
„До прекин со напојување на поголем дел од градот Скопје, дојде поради исклучување на двата енергетски трансформатори во станицата „Скопје 4”, како последица на дефект на изолаторска верига на 110 kV далекувод кој ја напојува трафостаницата „Бунарџик” преку трансформаторската станица „Скопје 4”-соопштија од МЕПСО.
Додаваат дека, „Поради грешка во секундарните кругови за напојување на опремата во ТС “Скопје 4”, се случи неселективност и за само 0.9 секунди проработија системските заштити во околните трафостаници на 110 kV напонско ниво, а за 2,5 секунди се активираа заштитите на 400/110 kV трансформатори во ТС „Скопје 4”. Преку двата енергетски 400/110kV трансформатори се напојува најголем дел од Скопје и околината. Дежурните екипи од АД МЕПСО успеаја за еден час да воспостават напонска состојба и да се нормализира напојувањето на градот и околоната. Паралелно со овие активности, до доцните ноќни часови се работеше на отстранување на дефектот на далекуводот 145/1 ТС Скопје 4-ТС Бунарџик и во 03:35 часот тој беше поправен и вклучен под напон.
„Технички проблеми на електромрежата од секаков тип можат да се случат секаде и во секој дел од денот и најважно во таквите моменти е што побрзо да се стабилизира системот, а граѓаните и стопанството да бидат снабдени со електрична енергија“, велат од компанијата.