Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска ги соопшти резултатите од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2022 година.
Резултатите се објавени на веб-страницата на Министерството за култура. Поддржаните проекти од национален интерес во културата за 2022 година ќе се реализираат со буџет од 1 милијарда педесет и три милиони денари, односно 66 милиони денари повеќе за оваа намена од средствата што беа на располагање за проектите во 2021 година.

Министерката за култура информираше дека во системот се евидентирани 3.769 валидни пријави кои автоматски добија архивски број, а по административната проверка на доставената документација, службите констатираа дека поголем број од пријавите, речиси 2/3, се пополнети со технички пропусти.
„Од тие причини, а во интерес на корисниците, рокот за пријавување беше двапати продолжен. Тоа подразбираше, како што беше и најавено, дека резултатите од Конкурсот ќе бидат објавени, наместо до 20 јануари, најдоцна до средината на февруари”, нагласи Костадиновска-Стојчевска.
„Во вакви услови, дадена ѝ е предност на домашната „жива култура”. Запазени се и другите приоритети: поддршка на проекти на млади, на проекти наменети за деца или за лица со посебни потреби. Комисиите внимавале да поддржат проекти и од подносители кои досега не користеле средства од буџетот на Министерството за култура. Исто така, при селекцијата на проектите, комисиите воделе сметка и за правичната застапеност по етничка основа. Поддржани се и голем број проекти во кои до израз доаѓа интеркултурноста. Еднакво се водело сметка и за родовата рамноправност”, додаде Костадиновска-Стојчевска.
Таа нагласи дека имало и обиди за злоупотреба.
. За жал, има пријави кои не го задоволуваат ниту насловот на Конкурсот. Но, ние и добрите и лошите примери ги земаме како искуство за подобрување на годишните конкурси. Се повторуваа стари манири, пријави со нереални, огромни суми, пријави за стари или веќе реализирани проекти, пријави од лица кои не се наши државјани, пријави со потписи од починати лица или од лица кои воопшто не знаеле дека се пријавени. Иако постојано нагласувавме дека не смее да има пријава од ист субјект во повеќе од две дејности, ни тоа не се почитувало. Тие апликации се сосема одбиени – рече Кoстадиновска-Стојчевска.”, рече Костадиновска-Стојчевска.
О.К.
фото: Министерство за култура


