Диви продавачи на текстил вчера во центарот на Струмица, на булеварот „Маршал Тито”, предизвикале инцидент откако полицијата им ја запленила стоката. Тие се обиделе насилно да си го вратат одземеното од полициското возило откако полицијата презела мерки за санкционирање.
Настанот го потврдија од СВР Струмица. Оттаму информираат дека активноста била преземена во координација со Државниот пазарен инспекторат.
-Секторот за внатрешни работи Струмица во изминатите месеци континуирано презема мерки за санкционирање на нелегалните продавачи на текстил, кои се поставуваат на тротоарите од булеварите „Ленинова” и „Маршал Тито” во Струмица, со што вршат узурпирање на сообракајни површини. Ваква активност, во координација со ДПИ, била преземена и вчера на булевар „Маршал Тито” во Струмица, при што била одземена текстилна стока од такви продавачи на текстил, но групата продавачи презеле дејствија со цел насилно да ја одземат стоката. Секторот за внатрешни работи Струмица презеде мерки за утврдување на идентитетот на сите лица учесници во настанот и против нив ќе биде поднесена кривична пријава поради кривично дело „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие” по член 384 од Кривичниот законик, стои во информацијата од портпаролката на СВР Струмица, Александра Трајанова.
Во информацијата се додава дека преземањето на вакви мерки и активности бил еден од заклучоците донесени на претходните седници на Локалниот совет за превенција на Струмица и СВР Струмица во координација со Државен пазарен инспекторат и во иднина ќе продолжи со истите со цел санкционирање на ваквите нелегални продавачи кои вршат и узурпирање на сообракајни и јавни површини.
текст: МИА
видео: Струмица Денес