До последно даваме шанса на дијалогот помеѓу Украина и Русија, рече Славјанка Петровска на состанокот на НАТО – ММС
ММС

Објавено на: 02/16/22 1:00 PM

До последно даваме шанса на дијалогот помеѓу Украина и Русија, рече Славјанка Петровска на состанокот на НАТО

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска од денеска во седиштето на НАТО во Брисел учествува на состанокот на Алијансата, на ниво на министри за одбрана. Ова е прв министерски состанок на кој Петровска учествува по преземањето на функцијата министерка за одбрана на Северна Македонија.

Пред состанокот министерката Петровска изрази очекување дека министрите за одбрана на 30-те сојузници ќе го потврдат единството во Алијансата за заштитата на земјите – членки  и колективната одбрана, ќе ја реафирмираат позицијата за мирно и дипломатски решавање на состојбата во и околу Украина и уште еднаш ќе дадат силна и недвосмислена поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.

„Овој состанок се одржува во исклучително важен период и за европската безбедност и за безбедноста на евроатлантската област. Она што се очекува од нас како министри за одбрана е да ги реафирмираме нашите позиции во однос на позицијата за мирно решавање отвореното прашање помеѓу Украина и Русија“, рече министерката.

Петровска посочи дека шанса му се дава првенствено на дијалогот и дипломатското решение и дека основна задача на Алијансата е да ја штити безбедноста и стабилноста на земјите – членки.

„Ние до последно даваме шанса на дијалогот, на дипломатското решение. Како Алијанса имаме обврска да го штитиме територијалниот интегритет и безбедноста на сите земји членки на Алијансата. Од она што очекувам и сум убедена дека ќе произлезе од овој состанок е да го потврдиме единството на сите земји членки и да ги донесеме одлуките кои ќе бидат во таа насока“, заклучи министерката.

На состаноците на НАТО ќе стане збор и за зацврстувањето на одбранбените капацитети, вложување во одбраната, новиот стратешки концепт на Алијансата и концептот НАТО 2030. Министрите за одбрана на НАТО ќе дискутираат и за развојот на капацитетите за борба со хибридните закани, потребата од зацврстување на сајбер-безбедноста и зголемувањето на отпорноста на климатските промени.

За време на состаноците на Северноатлантскиот совет, министерката ќе има повеќе билатерални средби со свои колеги од сојузничките земји.

извор: Министерство за одбрана