Посетата на Вучиќ на Косово предизвика тензија и блокада на патиштата – ММС
ММС

Објавено на: 09/9/18 9:55 AM

Посетата на Вучиќ на Косово предизвика тензија и блокада на патиштата

Косовската Влада му ја повлече дозволата на српскиот претседател Александар Вучиќ за посета на селото Бање во регионот Дреница. Во оваа област се одржуваат и протести во знак на револт за посетата на Вучиќ од страна на ветераните на Ослободителната војска на Косово (ОВК).

Вучиќ се обиде да го посети селото по споредни патишта, но беше запрен од косовската полиција и вратен назад. Откако беше запрен од полицијата, српскиот претседател замина кон Митровица, од каде што со жителите на Бање ќе разговара телефонски.

Косовскиот министер за надворешни работи Беџет Пацоли објави дека Владата во Приштина била поддржана и од КФОР за одлуката да му се повлече дозволата на Вучиќ за посета на Дреница.


Ветерани на УЧК ги блокираа сите приодни патишта кон селото Бање во намера да оневозможат доаѓање на српскиот претседател Александар Вучиќ во населбата јужно од реката Ибар, каде меѓу мнозинските Албанци живеат околу 300 Срби, па косовската власт ја откажа посетата од безбедносни причини.

Српските медиуми јавуваат дека патиштата се блокирани со градежни машини и камиони, а бројот на блокади кон Бање се зголемува. РТС јавува дека демонстрантите против Вучиќ палат автомобилски гуми и дека на терен се слушаат рафали.


Вучиќ на веста за блокадите кажа дека проблемите треба да се „решаваат со зборови и ум, а не со оружје“ и дека тој „уште посилно ќе се бори за мир и заштита на Србите на Косово“. ВКолоната на српскиот претседател се упати кон Косовска Митровица.

Српскиот министер Александар Вулин изјави дека блокадите ги поставиле вооружени ветерани на терористичката УЧК и дека за тоа е одговорен претседателот на косовското собрание Кадри Весељи. Небојша Стефановиќ, Српксиот министер за внатрешни работи, порача дека „сега се на испит КФОР и косовската полиција бидејќи нивната работа е да го заштитат Вучиќ при постетата на Косово“.