Или ќе ги покачиме пензиите или ќе има еднократна помош, вели Битиќи – ММС
ММС

Објавено на: 02/16/22 11:02 AM

Или ќе ги покачиме пензиите или ќе има еднократна помош, вели Битиќи

Тоа што го направивме кај минималната плата, ќе го направиме и кај пензиите, рече денеска видепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, на заедничката прес конференција со министерите за економија и министерот за образование и наука.

Битиќи најави прва средба до крајот на неделата со сите засегнати страни каде ќе се разговара дали ќе има менување на моделот на усогласување на пензиите или еднократна помош која што би требала да дојде до најранливите категории за справување со последиците од енергетската криза.

Финансиските извештаи на Фондот за пензиско осигурување, вели Битиќи во суштина минатата година иако година на пандемија, економска криза има значително зголемени приходи заради движењето на самата економија и платите.

„Тоа што ќе го направиме кај пензиите е исто што го направиве кај минималната плата. Деновиве се координираме за да почнеме дијалог со сите можни чинители и кои што се засегнати со пензиите и категоријата на пензионери. Најверојатно при крај на неделата ќе го имаме првиот состанок со сите чинители, на самиот состанок ќе зборуваме која е целта што сакаме да ја постигнеме, дали е тоа менување на моделот на усогласување на пензиите кои што сме го имале и сакаме понатаму да го имаме, да понудиме одржливо решение за пензиите или еднократна помош која што би требала да дојде до најранливите категории за справување со последиците од енергетската криза и потоа би можел да кажам што би значел исходот“, рече Битиќи, но она во што тој е сигурен е дека исходот ќе биде како што бил за минималната плата, задоволителен за сите страни вклучени во дијалогот.

Нема потреба од ребаланс за најавените зголемувања на минималната плата и пензиите бидејќи за тоа се обезбедени средства, изјави вицепремиерот за економски прашања Битиќи.

„И за минималната плата и за пензиите не треба да се прави ребаланс. Тие се веќе испланирани во Буџетот. За пензиите, Фондот на ПИОМ има обезбедено средства за еветуално зголемување. Не треба да се грижиме дека ќе земеме од некаде за да им дадеме на пензионерите. Пензионерите се осигурени со тоа што имаат доста средства во Фондот на ПИОМ“, рече Битиќи.

Г.Д