Место на зелена површина ќе си дишат во врат – Урбаното лудило го сардиса Тетово, а силувањето на градот продолжува – ММС
ММС

Објавено на: 02/15/22 11:19 AM

Место на зелена површина ќе си дишат во врат – Урбаното лудило го сардиса Тетово, а силувањето на градот продолжува

Тетово последнава деценија целосно го промени урбаниот лик. Стари куќи и згради се уриваат, a на нивна парцела се градат огромни висококатници, без доволно паркинг места.

На неколкуте паркинзи каде порано се паркирале возила од индивидуалните домови, сега истите се наменети за цела колективна зграда. Дел од објектите ги користат дури и зелените јавни површини за паркинг место за станарите, а со тоа се уништува и последното зелено парче од некој урбан блок.

Од птичја перспектива најдобро се гледа урбаното силување кое му се случува на Тетово. Зелени површини само останаа во кругот на тетовската касарна и и поранешен Монопол. Ретко кое мало може да се пофали на зелена површина благодарение на урбаната мафија и премолчувањето на општинските власти.

За бетонизацијата на Тетово доволно говорат висококатниците изградени, а дел од нив нив се уште се градат, на крстосницата „Борис Кидрич“ и „Благоја Тоска“.

-Тука е хаос, само што ќе помислиш дека нема да се градат повеќе згради, туку ќе видиш урнале некоја стара куќа и копаат темели. Тука на крстосницата „Благоја Тоска“ и „Борис Кидрич“ има изградено речиси четири висококатници, а се градат уште три нови, или  проста математика на простор колку еден фудбалски стадион каде има веќе постоечки висококатници со стотици семејства,во новите објекти ќе треба да се вселат и до 500 нови семејства. Па каде тие луѓе ќе се паркираат, каде ќе се разминуваат возилата, кој воздух тука ќе го дишиме, не дај боже земјотрес да има, не знам, ова е лудило. Ако нека се гради, но нека се шири градот, а не тука се во центарот, пренаптрупано е, вели една жителка од месната заедница Борис Кидрич.

Валентин Тасевски од зелената партија ДОМ, вели дека процесот на урбанистичко планирање во Тетово подолг период е препуштано на потребите на инвеститорите.

-Се работи по нивни потреби и по иницијатива на инвеститорите.Општината треба да има веќе изработено Генерален урбанистички план и од него треба да произлегуваат дуповите за развој на градот. Општината нема стратегија, се е пренатрупано. Приватните инвеститори бараат блокови во градот за градба на станови, локации кои се атрактивни, затоа е таква ситуацијата. Веќе старите маала во градот станаа лоши за живеење. Се прават гужви, се појавува недостиг на вода, струја, а тоа е се поради наглото зголемување на бројот жители во одредено маало. Општината го има оставено на стихија урбанистичкото планирање на градот, рече Валентин Тасевски од ДОМ.

Тетово околу две децении нема донесено Генерален урбанистички план, а урбаниот развој ако така може да се каже, се сведува само на централното градско подрачје кое е целосно задушено.

Новата локална самоуправа најави што поскоро носење на новиот ГУП, кој ќе треба да донесе развој на градот, но надвор од границите на досегашната урбата натрупана зона со огромни зданија која го загуши и задуши градот под Шара.

(З.Д.)