„Владиката Агатангел си ја извалка мантијата, срам е што ја носи“ – Скандал во Кавадарци на закројување на лозјето – ММС
ММС

Објавено на: 02/14/22 3:57 PM

„Владиката Агатангел си ја извалка мантијата, срам е што ја носи“ – Скандал во Кавадарци на закројување на лозјето

Лозарите и винарите денеска го слават празникот Свети Трифун. Во Тиквешијата симболично се изврши закројување на виновата лоза и се упатија молитви за богат, квалитетен род и повеќе пари за грозјето.

Покрај прославата се упатија и пораки кои разединуваат. Митрополитот на повардарската епархија, г. Агатангел покрај молитвите за богат род упати и благослов лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да врател се што Македонија загубила во изминатиот период.

„Ние македонците сме патриоти и емоционални луѓе. Си го сакаме својот, јазик и својата македонска држава  и нација и се што е свето македонско, бидејќи тоа го примивме од светиот апостол Павле кој чекореше по македонската земја. Верувам дека нашиот претседател на најголемата и најсветла партија, ВМРО-ДПМНЕ Мицковски се она што дадовме ќе го вратиме назад, прво со него, а потоа и со божја помош јас верувам дека Бог, спасителот наш ќе му помогне нему и на сите негови соработници да се она што е наше свето македонскои национално да го вратиме назад и нема да дозволиме некој кој не ја чувствува Македонија емоционално да ја одредува судбината на нашата земја, рече тој.

На изјавата на митрополитот реагираше министерот за локална самоуправа Горан Милевски, кој исто така беше на закројување во Кавадарци.

„Жалам што оваа манифестација во Кавадарци се претвори во партиска прослава на ВМРО-ДПМНЕ и што владиката Агатангел си ја извалка мантијата наведувајќи еден голем дел од македонските граѓани. Мислам дека неговите изјави се срам за мантијата што ја носи. Повеќе прави срам на црквата отколку на самиот себе. Да беше свесен што зборува, тоа немаше да го кажува. Како што кажа, како што црвите и мувите се штетници за лозарите, така господинот Агатангел, ако можам да го наречам господин, е штетник за црквата и народот“ рече Милевски и нагласи дека црквата требало  да се свести кои се владици и кои ги пушта на вакви настани, на кои се напаѓа голем дел од населението а се величи лидерот на опозицијата.

Од здружението на лозари „Тиквешки лозаро овоштари“ упатија покана за средба со министерот за земјоделство на која би се разговарало за откупната цена на грозјето пред да започне масовното кроење на виновата лоза, а се побараа и повисоки субвенции.

Ангел Данов

Фото: Општина Кавадарци