„Не се чувствувам виновна што го убив, беше самоодбрана“ – Велешанката Пале се изјаснила за невина пред Судот на стартот од судењето – ММС
ММС

Објавено на: 02/14/22 3:45 PM

„Не се чувствувам виновна што го убив, беше самоодбрана“ – Велешанката Пале се изјаснила за невина пред Судот на стартот од судењето

Велешанката Павлинка Илоска од Велес се изјаснила за невина пред Судот на стартот од судењето во кое таа е обвинета за кривично дело  – убиство на миг.

Пале рекла дека не се чувствува виновна бидејќи го убила својот невенчан сопруг во самоодбрана при состојба на раздразнетост како последница на семејно насилство.

„Обвинетата, на 29.09.2021 година, во семејната куќа во која живеела, доведена без своја вина во состојба на силна раздразнетост како последица на семејно насилство, го лишила од живот на миг сега починатиот А.Р. со кого живеела во вонбрачна заедница.

Откако се вратиле дома од гости, А.Р. во видно алкохолизирана состојба започнал вербална расправија со обвинетата, нарекувајќи ја со најпогрдни зборови. Таа влегла во спалната соба и легнала да спие, но тој дошол до неа, ја фатил за пижамата и со неа ја влечел до кујната, удирајќи ја со тупаници по главата, увото и левото рамо, како и со клоци по левата натколеница. Потоа силно ја фатил со раце во пределот на вратот да ја дави.

Обвинетата давала отпор и го молела да ја пушти, а во еден момент од масата зела нож и му нанела убодна рана во пределот на срцето. Како последица на убодот, дошло до пореметување и престанок на функционирањето на срцето и смрт кај сега починатиот.“, стои во обвинението.

Таа е во домашен притвор и живее во куќата во која се случи немилиот настан без греење и покуќнина затоа што куќата беше ограбена додека Пале беше во затворски притвор.

Велешани и дијаспората се организираат да и помогнат на Пале да и се обезбедат греење и финансии затоа што поради притворот не е во можност да работи.

Хелсиншкиот комитет за човекови права реагираше на обвоинението нагласувајќи дека обвинителството не ја зема предвид историјата на насилството врз жртвата, интензитетот на нападите и на повредите кои претходеле на настанот и според нив станува збор за нужна одбрана, а не за убиство на миг.

О.К.

фото: Фејсбук